По речиси цела година постоење на вирусот COVID 19 (SARS-CoV-2 Severe acute respiratory syndrome coronavirus 2), додека науката сѐ уште бара начини за негово најефикасно третирање, јавните здравствени организации низ светот се едногласни околу препораките и мерките за заштита, базирани на механизмите на неговото пренесување: носење заштитна маска за лице; одржување физичка дистанца од минимум 1,5 метри и чистење/дезинфекција на површините и на кожата на рацете.
Засега е познато дека новиот вирус SARS-CoV-2 може да опстојува на површините и до 9 дена, притоа останувајќи инфективен. Затоа, одлуката за избор на средства за дезинфекција на рацете треба да се направи внимателно. Светските јавни здравствени институции [Светската здравствена организација (WHO), Американскиот центар за контрола на болести (CDC), Американската администрација за храна и лекови (FDA) и сл.] одобруваат ефикасност на биоцидните производи (дезинфекциски и антисептички средства) кои во својот состав содржат еден или комбинација од повеќе алкохоли (eтанол, 2-пропанол и/или 1-пропанол), со процентуална застапеност од 60 до 95 %. Големиот број студии содржат докази дека овие формулации се сметаат за безбедни и за ефикасни при уништувањето на вирусите (вклучително и SARS-CoV-2) и дека имаат висока микробицидна активност и дејство во рок од 30 секунди од нанесувањето.

