Најнови вести од светот 29.07.2013
Белград – Просечната нето плата исплатена во јуни во Србија изнесувала 44.394 динари (392 евра) и во однос на мајската номинално е заголемена за 6,2, а реално за 5,1 отсто. Просечната нето плата била реално помала за 4,5 отсто во однос на истиот период лани. Просечната бруто заработка во јуни изнесувала 61.399 динари (543 евра) и во однос на исплатената во мај е поголема за пет отсто.
Подгорица – Вредноста на договорените јавни набавки во Црна Гора лани изнесувала 323 милиони евра, што е нешто помалку во однос на 2011 година. Оваа сума е околу 10 отсто од црногорскиот БДП. Црногорскиот министер за финансии Радоје Жугиќ соопшти дека лани биле склучени 4.400 договори за јавни набавки, додавајќи дека нивниот број се намалил во последните четири години. – Нивниот број лани изнесуваше 21 отсто од вкупниот број на склучени договори во 2008 година. Истовремено се намали и вкупната вредност на евидентираните набавки, така што таа лани беше за речиси 40 отсто помала во однос на 2008 година, истакна Жугиќ.
Сараево – Министерството за надворешна трговија и економски односи на БиХ објави нов попис од 45 хрватски компании на кои им е забранет извоз во БиХ. Министерството одлучи на пописот на хрватските компании на кои им е забранет извоз во БиХ да ги стави кондиторска индустрија „Коестин“, фабриката за млечни производи „Сирела“, „Мегле“, „Лура“, сплитската фабрика за масло СМС како и месната индустрија ППК. Забранате ќе важи се додека компаниите не ги исполнат стандардите за производство на ЕУ.
Загреб – Хрватскиот национален авиопревозник „Кроација Ерлајнз“ минатата недела го превезе својот милионити патник во оваа година, што е речиси во ист период како и лани. Поради процесот на реструктурирањата кој е во тек, до крајот на оваа година компанијата планира да превезе четирипати помалку патници од лани, односно вкупно 1,9 милиони. Според извршниот директор за продажба, маркетинг и управување со мрежата и приходите на „Кроација Ерлајз“, Ненад Јелавиќ, најмногу странци во Хрватска оваа година стигнуваат од „големите пазари“, како Германија, Франција и Велика Британија. Оваа година „Кроација Ерлајнз“ може да се пофали и со високо ниво на точност, бидејќи 83 полетувања биле остварени во рок од 15 минути од предвидениот лет, што е над просекот на членките на Здружението на европските авиопревозници (АЕА).
Загреб – Групацијата „Краш“ во првата половина од оваа година оствари нето профит од 3,6 милиони куни (480.000 евра), додека само кондиторксата индустрија „Краш“ работеше со нето профит од околу 4,5 милиони куни (600.000 евра), покажуваат податоците од консолидираните финансиски извештаи на Загрепската берза.
Љубљана – Словенечката Влада, како што најави министерот за стопанство, развој и технологија, Станко Степишник, веројатно ќе одлучи да ја зголеми цената на вињетите. За колку ќе поскапат вињетите засега не е познато, но според проценките на Степишник, зголемувањето ќе изнесува од 10 до 20 евра. Промените на патарините се во контекст на решавањето на проблемите со високата задолженост на „Компанијата за патиштата на Република Словенија“ (ДАРС). – По патиштата се возиме безбедно и некој треба да ги покрие тие трошоци. На ДАРС му недостасуваат пари и треба да се најдат извори за долг рок, вели Степишник. Инаку годишната вињета за автомобили сега чини 95 евра, 30 евра е месечната, а неделната 15 евра.
Москва – Побарувањата на руските банки на Кипар на 1 април годинава изнесувале околу 56 милијарди долари, јави ИТАР-ТАСС, повикувајќи се на податоци на Централната банка на Русија. Според платниот биланс, руските странски побарувања во кипарските банки на 1 април 2013 изнесувале 55,9 милијарди долари, што претставува 3,5 отсто од вкупната актива на рускиот банкарски сектор. Претходно, експертите оценуваа дека руските кредитни организации на Кипар одобриле кредити во износ од 30 до 40 милијарди долари.
Париз – Нето профитот на француската нафтена групација „Тотал“ во вториот квартал порасна за 67 отсто на 2,5 милијарди евра. Групацијата наведува дека во наведениот период компанијата забележала најголем раст на производството на хидробикарбонати во последните три години. Не сметајќи ги еднократните трошоци, нето профитот опаднал за три отсто на 2,7 милијарди евра. Просечната цена на северноморската „брент“ нафта се намали во дадениот период за пет отсто од 108 на 102 долари за барел.
Париз – „Рено“ соопшти дека во првите шест месеци од оваа година евидентирал пад на профитот, поради трошоци за прекинот на работа во Иран и преструктуирањето во Франција. Групацијата наведе дека во приодот јануари-јуни 2013 имала нето профит од само 39 милиони евра. во однос на 746 милиони во истиот период лани. Поради вонредните трошоци, во вториот квартал е забележана загуба од 249 милиони евра, во однос на профитот од 519 милиони од истиот квартал во 2012 година.
Москва – Руската федерална служба за ветеринарна и фитосанитарна контрола „Росселхознадзор“, бара укинување на сертификатот на еден илегален доставувач на кенгурско месо во Русија. Како што е наведено на сајтот на Службата, ваквоот барање е иницирано откако на рускиот Далечен Исток е задржан контингент на 18,6 тони месо од кенгури, кој е увезен во Русија под ветеринарен сертификат на единствениот легален доставувач компанијата „Макро инвестментс“, но се покажа дека месото потекнувало од друга компанија, чии производи во Русија се забранети.
Токио – Потрошувачките цени во Јапонија во јуни првпат пораснаа по 14 месеци дефлација. Базниот индекс на потрошувачките цени, во кој не влегуваат цените на храната, во јуни порасна за 0,4 отсто на годишно ниво. Тоа е најбрз раст на јапонските потрошувачки цени од ноември 2008 година. Аналитичарите очекуваа раст на потрошувачите цени за 0,3 отсто по нивната стагнација во мај.