25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Apple“ привремено ги затвора продавниците во Калифорнија и Лондон

„Apple“ привремено ги затвора продавниците во Калифорнија и Лондон

Американскиот технолошки концерн „Apple Inc.“ привремено ги затвори сите свои продавници за малопродажба во Калифорнија, како и оние во поголемиот дел од Лондон, погодени од новата блокада поради растот на тамошните случаи со Ковид-19.

Компанијата со седиште во Купертино, Калифорнија, на својата веб-страница во саботата соопшти дека ги затвора сите 53 свои продавници во „Голден Стејт“ само неколку дена откако соопшти дека ќе ги затвори своите продавници во областа Лос Анџелес. Ескалацијата на затворањето сега ги опфаќа нејзините главни продавници во областа на заливот Сан Франциско. „Apple“ не кажува кога повторно ќе се отворат продавниците.

Затворањето на продавниците се случува во средина на сезоната на празници за купување. За прв пат, „Apple“ има за цел тримесечен приход од 100 милијарди долари од продажба на „iPhone 12“, како и најновите „iPad“ модели и новите „Apple Watches“.

Калифорнија е центар на пандемија во САД во последните неколку недели. Случаите со коронавирус во државата ја преминаа границата од 1,8 милиони во саботата, со додадени 43.608 новозаболени и 272 починати од вкупно 22.432 смртни случаи.

Затворањето сега ги вклучува малопродажните продавници на „Apple“ во нејзините канцеларии во Силиконската долина. Ова претставува едно од најголемите затворања за продавниците на „Apple“ од почетокот на пандемијата во март.

Премиерот на Велика Британија Борис Џонсон воведе целосна блокада на Лондон и Југоисточна Англија во обид да го запре ширењето на новиот вид на коронавирус, кој брзо се шири во целата земја. Инциденцата на нови случаи на Ковид-19 е скоро двојно зголемена во Лондон во последната недела, а скоро 60% од овие позитивни случаи се должи на новиот вид на вирус, соопштија владините претставници.

„Поради сегашните ограничувања поради Ковид-19 во некои од заедниците на кои им служиме, ние привремено ги затвораме продавниците во овие области“, се вели во соопштението на „Apple“.

„Овој чекор го правиме со претпазливост бидејќи внимателно ја следиме ситуацијата и со нетрпение ги очекуваме нашите тимови и клиенти што е можно побрзо да се вратат на терен“, соопшти компанијата.

Во последните месеци, „Apple“ ги отвори повеќето од своите над 270 продавници во САД, иако повеќето продавници работат според посебен распоред. Што се однесува до продавниците кои сè уште се отворени, „Apple“ префрли многу од нив во посебна категорија наречена „Express“ продавници. Ова ја претвора предната линија на овие продавници во шалтери, така што луѓето едноставно можат да купуваат производи и да подигнуваат предмети испратени за поправки.

Производителот на „iPhone“ исто така ќе ги затвори своите продавници во Мексико и Бразил привремено, бидејќи случаите се зголемуваат во двете земји.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП