Кинескиот технолошки гигант „Huawei“, кој во последните месеци ја доведе работата на својот оперативен систем до последната фаза на тестирање, неодамна ја издаде верзијата „HarmonyOS 2.0“ за својата линија на производи.
Сега се очекува да биде објавена верзија на истата платформа за паметни телефони (Developer Beta build).
Информациите кои пристигнуваат од Кина тврдат дека „HarmonyOS 2.0 Beta“ за телефони е веќе испратен до некои развивачи. Исто така, се чини дека овој оперативен систем стана пофлуиден, благодарение на ажурираното јадро, пишува „GizmoChina“.
Според нивните информации, корисничкиот интерфејс е сличен на сегашниот интерфејс на „Huawei EMUI 11“, но може да се разликува кога компанијата конечно ќе објави стабилна верзија.
Она што е најзначајно, сепак, во оваа објава е дека новата верзија на оперативниот систем поддржува и „Android“ и „HarmonyOS“ апликации. Ако се покаже како точно, тоа ќе биде значаен чекор за „Huawei“ кон целосна замена на оперативниот систем „Android“ на своите паметни телефони.
Кинеската компанија се обидува да ја спроведе оваа замена уште од моментот кога американската администрација и забрани да користи услуги на „Google“. И по објавувањето на „HarmonyOS 2.0 Smartphone Developer Beta“ во Кина на 16-ти декември, експертите на „Huawei“ се очекува да ги објаснат главните функции и алатки за развој на платформата.