25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИТесла поради змии и гуштери мора да ја прекине изградбата на фабриката...

Тесла поради змии и гуштери мора да ја прекине изградбата на фабриката во Германија

По налог на германскиот суд и по тужбата на еколошките здруженија, Тесла мора да ги прекине подготвителните работи за изградба на фабрика за електрични автомобили недалеку од Берлин.

Производителот на електрични автомобили ја расчисти шумата во близина на германската престолнина за својата прва фабрика за автомобили и батерии во Европа, но противниците тврдат дека тоа ќе ги загрози живеалиштата на змии и гуштери, објави вчера Би-Би-Си.

Судот во Франкфурт нареди стопирање на уништувањето на шумите во очекување на новите студии за влијанието на животната средина.

Сличен судски налог бил издаден на Тесла и на почетокот на годината, кога американската компанија ја планирала т.н. гигафабрика во Грунхајд, во источната сојузна држава Бранденбург. Причините за тоа биле загрозување на флората и фауната, како и водоснабдувањето.

Тесла јавно не ја коментираше најновата судска одлука која е резултат на судските постапки со Унијата за зачувување на природата и биодиверзитетот (NABU) и Зелената лига. Конечната пресуда се уште се чека.

Здруженијата тврдат дека уништувањето на шумите ќе ги уништи живеалиштата на песочните гуштери и неотровните змии. Двата вида се заштитени. Здруженијата, исто така се загрижени дека гласната работа може да ги загрози влекачите за време на зимската хибернација.

„Ниту Тесла не е над законот“, рече Ханц Хервиг Машер, претседател на Зелената лига.

Минатата година, Илон Маск, шефот на Тесла, го објави планот за изградба на фабрика која ќе започне со производство на 1 јули 2021 година, со годишно производство од 500 000 автомобили.

Случајот со Тесла предизвика големи конфликти меѓу заштитниците на природата и двете партии ЦДУ и ФДП, кои стравуваат дека целата работа може да го наруши имиџот на Германија како земја пожелна за бизнис.

Тесла доби дозвола од германското Министерство за животна средина да започне со работа на локацијата, но „на сопствен ризик“. Планот на американската компанија беше да расчисти 300 хектари земјиште на кое има 92 хектари шума, но конечното одобрување го даваат локалните власти, кои ги прифатија приговорите на здружението за заштита на природната средина.

Тесла има две гигафабрики во САД и една во Шангај, Кина. На почетокот на годината, Тесла ја престигна Тојота како највреден производител на автомобили во светот.

Пазарната вредност на Тесла експлодираше оваа година, откако инвеститорите почнаа посилно да инвестираат во компанијата, со оглед на тоа дека иднината во која сите возат електрични автомобили се повеќе ветува.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП