29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКоја страна на вагата ќе биде потешка, семејните вредности или бизнис интересот?

Која страна на вагата ќе биде потешка, семејните вредности или бизнис интересот?

Недела како слободен ден за сите работници нема да биде на арно за никого, смета Бизнис Конфедерацијата на Македонија. Со оглед на тоа што македонската економија е мала, последиците може да бидат сериозни, а и злоупотребите врз работниците големи. Синдикатот пак останува на ставот дека работниците заслужуваат еден ден во неделата да го поминат со своите најблиски. Властите уверуваат дека ќе се донесе добро законско решение, но прво треба да се слушнат сите засегнати страни, да се направи сеопфатна анализа и потоа да се донесе конечната одлука.

Бизнис конфедерацијата на Македонија по ова прашање смета дека треба да се донесе закон со кој работниците не смее да бидат незадоволни во случај кога недела и натаму нема да биде неработен за сите вработени лица. Мора да има дејности кои не смее да бидат затворени во текот на цела седмица. Како предлог од страна на бизнисмените се нуди решение, одредени дејности подобро да се регулирани во однос на работењето во недела. Подобра конрола да има од страна на синдикатот и од инспекторатите од колку да се прогласи недела за неработен ден во целиот приватен сектор. На тој начин работниците ќе добиваат повисоки дневници за работа во недела, а потоа ќе имаат слободен ден во текот на следната недела. А тоа според бизнисмените значи подобри услови за работа и повисоки плати.

„Треба да се почитуваат правата на работниците, тоа е пропишано во Законот за работни односи. Секако може вработените да искористат друг ден во текот на следната недела за одмор, тој да им биде слободен ден. Во моменти на економска криза предизвикана од пандемијата, нашата економија е мала и слаба и ние не сме во состојба а и можност да не работиме во недела. Особено дека дел од економијата, услужната дејност, или трговијата ни се потребни во одредени региони или пак на цела територија да функционираат, да работат. Односно казината, шопинг молови, угостителство, прехранбена индустрија, тоа се секотори кои им се потребни на граѓаните кои пазарат во текот на викендот“, вели за Денар Миле Бошков од Конфедерацијата на работодавачи.

Кога владата објави дека се подготвуваат измени во Законот за работни односи и постои можност денот недела да биде прогласен за неработен ден, синдикатот започна да слави за сите работници во земјава. Но по информациите дека такво нешто е многу тешко да се случи, синдикалците изразија големо разочарување. Ставот на ССМ е дека доколку новите правила не важат за сите работници, подобро да не се менува самиот закон.

„Во услови на Светската здравствена криза, предизвикана од Коронавиросот COVID – 19, се покажа дека повеќе од потребно е Недела да биде неработен ден за сите работници, а во изминиот период видовме дека со прогласените мерки и полицискиот час кој траеше за време на викендите целокупното општество може да фукционира и доколку недела е прогласен за неработен ден. Потсетуваме дека, покрај другите предлози за унапредување на работното законодавство, а во насока на заштита на работничките права  и обезбедување на баланс помеѓу работата и семејството, ССМ веќе предложи ден на неделен одмор да биде сабота и недела.Традиционално во нашата држава и во државите на нашето опкружување се прифаќа дека саботата и неделата се денови на неделен одмор заради почитување на семејните традиции и заштита на правата што е во согласност со Конвенцијата на МОТ бр.106 за неделен одмор. Анализите и примерите покажуваат дека работникот ќе биде попродуктивен ќе има повеќе време за семејството,за одмор и професионално надградување и дообразување, поврзано и со здравјето на работниците, а обврските можат да се завршат во текот на неделата, а истовремено да не трпи ниту бизнисот ниту работниците и граѓаните.“

Од министерството за труд и социјална политика велат дека Економско -социјалниот совет во кој членуваат власта, синдикатите и работодавачите дошле до неколку заклучоци во врска со прашањето за недела да биде неработен ден за сите. Информациите од ресорното министерство се дека веќе е изработена драфт верзија на предлог законот и сега текстот треба да се дополнува од нејзините колеги министери.

„Оваа дебата се уште тече. Вчера имавме онлајн состанок со сите чинители на социјалниот дијалог. Со претставници на синдикатите, претставници од Организација на работодавачи и комори. Дојдовме до некои заклучоци и сугестии на вчерашниот состанок и следниот чекор е истото прашање да се отвори на Економско-социјалниот совет, да разговараме и да биде дефинирана последната драфт верзија како законско решение“, вели министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Од министерството за економија веќе посочија дека разговарале со угостителите и со претставниците на туристичките агенции од кои добиле барања нивните дејности да продолжат да работат во недела.

„Малопродажните капацитети нема да имаат измени во овој дел и ќе работат како што постоечки кажува законот за трговија. Што се однесува до трговијата на големо, како што се големите магацини или големите супер маркети таму има неколку опции кои ние како министерство за економија ќе ги пратиме на разгледување во влада. “ Изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Со реакција излегоа и од Конфедерацијата на слободни синдикати. Синдикалците бараат секоја работа во недела се пресметува како прекувремена работа и се исплаќа дневница зголемена за 50 отсто.

А најавата дека се подготвува законско решение со кое недела ќе биде неработен ден за сите граѓани ја објави премиерот Зоран Заев на својот Фејзбук профил на трети ноември.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП