Лизинг компаниите во земјава лани оствариле добивка од 1,4 милиони евра, која е за речиси 200.000 евра поголема од претходната 2018 година – покажуваат податоците на Народната банка. Лани наплатиле 3,5 милиони евра од камати, од кои чисти им останале 2,4 милиони евра. Приходите од оперативен лизинг лани речиси и да се дуплирале во однос на 2018 година. Па ако тогаш имале 4,8 милиони евра приходи од операстивен лизинг лани приходите по овој основ пораснале на 7,5 милиони евра: приходите пак од тековното работење достигнале 11,8 милиони евра, а на расходи отишле 9 милиони евра.

Податоците на Народната банка покажуваат и дека лани се дуплирал и бројот на раскинати договори и со компании и со граѓани во однос на 2018 година. Па така лани биле раскинати вкупно 182 договори вредни 4,2 милиони евра. Од нив 102 договори биле со компании кои не ги плаќале редовно ратите за лизингот, а вредноста на овие договори била 3,1 милион евра. Додека пак и 80 граѓани останале без своите автомобили, бидејќи биле раскинати договори за лизинг со 80 физички лица вредни 1 милион евра.


