23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА74 проценти од кредитите кај банките се кај лица со плати под...

74 проценти од кредитите кај банките се кај лица со плати под 25.000 денари

Граѓаните должат речиси 3 милијарди евра кај банките. Тие со пониски плати се и позадолжени. Така податоците на Народната банка покажуваат дека дури 22,5 проценти од одобрените кредити во домашните банки ги земале лица со плата од 7.000 до 15.000 денари.. Додека пак дури 74% од вкупните кредити се кај лица со плати под просечната, или под 25.000 денари – покажува статистиката на Народната банка за кредитната изложеност на населението во првиот квартал од годинава, кога се уште не се чувствуваа ефектите од корона-кризата.

Така, бројките говорат дека 6,1 процент од кредитите се кај лица кои не дале податок за плата и нивната кредитна изложеност е  0,3 проценти.

Потоа 16,6 проценти од одобрените кредити во банките за домаќинствата се за клиенти со плата до 7.000 денари, но кредитната изложеност на овие клиенти е пониска и изнесува 3,9 проценти.

Дури 22,5  проценти пак биле со примања од 7.000 до 15.000 денари, а нивната кредитна изложеност е 11,8 проценти. Податоците на Народната банка покажуваат дека 21,3  проценти пак се со плати од 15.000 до 22.000 денари и нивната кредитна изложеност е 17,3 проценти. Токму кај оваа категорија пораснал и процентот и кредитната изложеност во однос на претходната година. Додека пак 7,4 проценти од кредитокорисниците се со плата од 22.000 до 25.000 денари и нивната кредитна изложеност изнесува 8,2 проценти.

Податоците покажуваат дека како расте платата така се намалува и процентот на граѓани кои се клиенти на банките, но нивната кредитна изложеност е повисока, поради повисоките кредити кои им ги одобруваат банките. Така 9,1 е процентот на кредитокорисници со плата од 25.000 до 30.000 денари, а нивната кредитна изложеност е 11,7 проценти. Како расте платата така рипа и кредитната изложеност, па така клиенти со плата од 30.000 до 50.000 денари има 11,8 проценти кај банките, но нивната кредитна изложеност е највисока или 23,5 проценти.Токму и во оваа група е најголемата промена во кредитната изложеност првиот квартал од годинава во однос на минатата година. Само 4,23 проценти од корисниците на кредит во банките се со месечни примања од 50.000 до 100.000 денари, а нивната кредитна изложеност е 15,7 проценти. А тие со над 100.000 денари се само 1 процент од кредитокорисниците, со кредитна изложеност од 7,5 проценти.

Анализата на податоците покажува дека расте процентот на лица кои земаат кредити и се со плата под просечната, додека пак се намалува на тие со повисоки, а најмногу со тие над 100.000 денари плата учеството во вкупните кредити, како и нивната кредитна изложеност.

Податоците на Народната банка покажуваат и дека пандемијата со коронавирусот ја зголеми задолженоста кај македонските граѓани. Домаќинствата кон банките должат речиси 3 милијарди евра. Од нив, половината се потрошувачки кредити, останатите – скоро 900 милиони евра се станбени кредити. Додека долгот на кредитни картички е 188 милиони евра, а тој на минусните салда на сметките е 100 милиони евра.

Ако се земе со се долгот на државата, излегува дека македонските граѓани кои беа едни од помалку задолжените сега влегуваат во повеќезадолжени граѓани во однос на регионот. Па така долгот се искачи на 4.300 евра по жител.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП