25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали е можна легализација на марихуаната во Македонија?

Дали е можна легализација на марихуаната во Македонија?

По најавата на премиерот Зоран Заев да се отвори дебата за декриминализација на марихуаната, Денар ги исконтактира организациите и здруженијата кои се дирекно засегнати со ова прашање. Од Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА ја поддржуваат ова иницијатива и се надеваат дека конечно ќе се сузбие црниот пазар на марихуаната и ќе се воведе ред во однос на ова прашање. Од здружението МАККАНАБИС кои се производители на марихуана за медицински цели велат дека со декриминализацијата на марихуаната Македонија ќе има енермно зголемување на бројот на туристи, а со тоа државната каса значително ќе се зголеми од продажба на производи со кои ќе уживаат гостите во локалите каде ќе биде дозволена продажбата. Опозицијата пак смета дека премиерот Заев се обидува да направи личен  профит со оваа мерка, наспроти да се фати со решавање на проблемите на граѓаните.

Иницијативата за декриминализација на марихуаната е поздравена од Здружението Билка кои се залагаат за целосно декриминализирање на канабисот, како во медицински, така и во рекреативни цели. На тој начин претставникот на ова здружение адвокатот Јанаки Митровски вели дека ќе се исправи една неправда а тоа е да не не гонат за џоинт додека се трупаат тони канабис. Според Митровски една од главните цели и бенефити треба да биде сузбивање на црниот пазар. На македонските улици има исклучително низок квалитет на канабис зачинет со адитиви како пипс, син камен и слично. Контрола на квалитетот треба да падне на плеќите на надлежна агенција. Што се однесува до цената од БИЛКА го наведуваат примерот со Канада каде поради преголемо оданочување и регулативи се доведе до состојба еден грам канабис да чини и до 35 долари што е екстремно висока цена и само ќе го потикне, а не сузбие црниот пазар. Ова не е прв пат во земјава да се актуелизира ова прашање, од БИЛКА велат дека веќе имале средби со повеќе пратеници, и со Љупчо Николовски додека беше Министер за земјоделство како и средби со професори од Земјоделскиот факултет. Додаваат дека волја има, но реализацијата е спора и селективна. Лично Митровски вели дека е скептичен дека декриминализацијата на марихуаната ќе биде донесена за брзо време. Тој смета дека во последнава година се појавија Здруженија кои се залагаат за енормно високо оданочување на легалниот канабис што според него е јасен показател за задкулисни намери.

„За нас од Здружението за канабис и зелени политики БИЛКА Скопје е недозволива, парадоксална и правно неодржлива состојбата која ја имаме денес. Дозволено е да имате неброен број растенија ако сте “бизнисмен” за медицински цели и по цена неколку пати поголема од реалната, но ако сум канцер пациент и садам сам бидејки немам финансии сум криминалец. Ние се залагаме за целосна легализација на канабисот, законски определена количина за лична употреба која не смее да биде под 30 грама, секој кој има медицинска потреба препознаена од нашите нормативи да смее да сади 5-10 растенија, секој кој рекреативно користи канабс да може да сади 2-4 растенија, без да имаме проблем да се регистрираме при надлежна агенција, подложни на проверки, инспекции и слично“, вели за Денар М-р Јанаки Митровски, адвокати претставник на Здружението Билка.

Што се однесува до ставот на МАККАНАБИС тие сметаат дека во глобални рамки, се повеќе држави ја декриминализираат и легализираат употребата на канабисот, за медицински или рекреативни цели. Дополнително, се очекува согласно препораките на СЗО канабисот да биде тргнат од листата на наркотични дроги од Конвенциите од 1961 и 1971 година. Една од придобивките на земјава ќе биде и зголемување на бројот на туристи во Македонија, а со тоа ќе се зголемат и приходите што ќе се остваруваат во Буџетот на државата.

„Ја поддржуваме декриминализацијата на канабисот, односно користењето на канабисот за лични цели, медицински или рекреативно, што ќе придонесе да се намалат трошоците за долгите и скапи судски процеси против лица кои користеле канабис во мали количини, како и растоварување на казнено поправните домови, што ќе значи и намалување на расходите во државниот буџет. Декриминализацијата треба да биде проследена и со автоматска амнестија на сите лице кои се санкционирани поради поседување на мали количества на канабис. Процесот на декриминализација и легализација на употребата на канабисот треба да резултира во издржани системски законски решенија за кои што е потребна поширока јавна дебата, во која Здружението МАККАНАБИС е подготвено да учествува со свои предлози и сугестии”, велат за Денар од здружението МАККАНАБИС.

Премиерот Зоран Заев во гостување во емисијата Економски магазин на Алсат истакна дека е подготвен да отвори дебата за декриминализација на марихуаната и нејзина примана во угостителството. Ваквите најави на премиерот наидоа на сериозни обвинувања од страна на опозицијата. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека поприоритетно за оваа влада е да си тера по агендата на своите лични и и бизнис интереси затоа што Заев го контролираат бизнисот со марихуана, отколку да обезбеди компјутер за секое дете. Според опозицијата вакви теми како легализацијата на марихуаната можат да дојдат на дневен ред во држава во која има уреден внатрешен поредок, а според нив, ние немаме воспоставен систем и немаме вредности, а евидентно е дека граѓаните немаат доверба во институциите и во правосудниот систем.

Додека се чека почеток на дебата за легализација на марихуаната, производителите чекаат носење на нов закон кој ќе дозволи извоз во странство на цвет од канабис. Без оваа можност од  индустријата велат дека се во сериозни проблеми, бидејќи немаат можност за продажба на производот кој го произведуваат.

Инаку, веќе добар дел од државите од Европа ја имаат декриминализирано марихуаната. Пред точно седум години Швајцарија преку законски измени го стори тоа. Во земјава е дозволено да се поседува до 10 грама, доколку полицијата открие поголемо количество тогаш казната е околу 80 евра и се добива прекршочна пријава. Прва држава на која граѓаните им текнува кога ќе се спомне легализација на марихуана е Холандија, поточно Амстердам. Според податоците во градот има 200 продавници и локали во кои се продава марихуана и производи од канабис. Канада е една од последните држави која ја легализираше марихуаната пред точно две години. На Канаѓаните им е дозволено да одгледуваат, поседуваат и конзумираат канабис за рекреативни цели. Сепак марихуаната во Канада не може секаде да се користи и употребува. Во Монтреал, за употреба на марихуаната важат истите правила како за цигарите. Но во дел од градовите џоинт може да се пуши само дома.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП