2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

vesti-svet

Најнови вести од светот 22.07.2013 година

Атина – Властите во Грција се обврзани да ги спроведат финансиските реформи, како и мерките за заживување на економијата, изјави денеска во Атина американскиот министер за финансии Џејкоб Лу по средбата со неговиот грчки колега Јанис Стурнарас. На средбата Лу и Стурнарис разговарале за состојбата на грчката економија во 2012 година и 2013 година. Џејкоб Лу рече дека недостигот на финансиски ресурси не може да се компензира само преку намалувања на платите и пензиите. Американскиот министер за финансии ја посочи потребата од правилно комбинирање на мерките за економски развој и финансиска консолидација.

Атина – Германија не може да и даде нови кредити на Грција ако не знае дека тие ќе бидат вратени, изјави германскиот министер за финансии, Волфганг Шојбле, во интервју за грчкиот весник „Вима“. Шојбле за весникот истакнува дека верува во сегашната влада на Грција и искажа надеж дека таа и натаму ќе ја има неопходната општествена поддршка за широките промени што во моментов се вршат во земјата.

Атина – И покрај оптимизмот, кој во последно време царува во грчката Влада и по посетата на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле на Атина, земјата е далеку од целта за постигнување на економски раст во 2014 година, оценува британското списание „Економист“. – Кревката грчка Влада лансира задоцнети реформи во Парламентот по наредба на Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд во момент кога разлутени демонстранти на плоштадот Синтагма бараат нејзина оставка, пишува „Економист“.

Атина –  Приходите од туризмот во Грција се зголемиле за 15,4 отсто во првите шест месеци од оваа година во споредба со истиот период во 2012 година, покажуваат податоците на грчката Централна банка. Во првите шест месеци од годината директните инвестиции во Грција изнесуваат 1,1 милијарда евра, додека во тој период минатата година изнесувале 224 милиони евра. Трговскиот дефицит на Грција забележал значително намалување за 2,2 милијарди евра. Извозот се зголеми за 4,3 отсто, а увозот за 3,5 проценти.

Подгорица – Минималната потрошувачка кошница во Црна Гора минатиот месец изнесувала 800 евра, што е за 1,3 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани. Според податоците на црногорскиот статистички институт Монстат, просечната плата во оваа земја во мај била 480 евра. Монстат наведува дека една третина од потрошувачката кошница ја сочинува храната. Минатиот месец едно просечно црногорско семејство трошело околу 350 евра за основните прехранбени производи и услуги.

Никозија – Православната црква на Кипар ќе ја финансира Грчката банка на островот во обид да биде рекапитализирана, за да не зема помош од државата и од „тројката“ меѓународни кредитори на земјата, изјави кипарскиот архиепископ Хризостом. Грчката банка, која е најмалата на островот и за која се тврди дека простила кредити на компании, пратеници и претставници на локалните власти во износ од милиони, има потреба од 294 милиони евра.

Никозија – Кипарската Влада воведе даночна амнестија за оние кои до крајот на годината ќе ги вратат средствата кои ги изнеле од островот. Владата вети дека оние кои до крајот на годината ќе ги вратат средствата ќе бидат ослободени од данок на приход. До 15 март, кога Еврогрупата, која ги обединува министрите за финансии од еврозоната, ја објави одлуката депозитите во кипарските банки да се оданочат со еднократен данок, како услов за отпуштање на спасувачки заем за Кипар, од островот биле изнесени голем дел од депозитите во евра. Вкупната сума на изнесени депозити се проценува на околу 700 милиони евра.

Никозија – Владата на Република Кипар ја разгледува можноста за создавање на специјална инвестициска банка со цел најдобро што може да се искористи евентуалната германска финансиска помош за островот. Портпаролот на Владата Христос Стилианидис изјави дека се разгледуваат сите можни варијанти, кои би можеле да помогнат за зголемување на ликвидноста на кипарската економија.

Берлин –  Должничката криза во Европа се уште не е надмината, но има позитивни тенденции во економскиот развој, изјави германскиот канцеларка Ангела Меркел. – Постигнати се успеси во регулирањето на финансиските пазари на национално и европско ниво. Сите европски земја ја зголемуваат својата конкурентска способност, а во земјите во криза е забележан значителен напредок, нагласи Меркел. Таа посочи дека во проблематичните земји од еврозоната дефицитот на државните буџети е значително намален.

Детроит – Во случајот банкрот на Детроит, најголемиот американски град во финансиски тешкотии, дојде до пресврт. Барањето за банкрот падна на локалниот суд со образложение дека е неуставно. Судиjaта Розмари Еквилина во мичигенскиот суд му нареди на градот Детроит да го повлече барањето за банкрот поради долгот од 18 милијарди долари. Таа заклучи дека спроведувањето на барањето би можело да доведе до кршење на законот и Уставот, бидејќи би се загрозила исплатата на пензиите и некои бенифиции. Државниот адвокат веднаш се жалеше на нејзината одлука.

Вашингтон – Меѓународната рејтинг агенција Мудис ја подобри перспективата на американскиот државен долг од „негативен“ на „стабилен“ и го потврди рејтингот на нивотот Ааа. Агенција образложува дека оваа оценка се должи на ненадејниот пад во федералниот дефицит – разликата меѓу државните приходи од даноците и трошоците. Владата на САД е на пат да го забележи најнискиот годишен дефицит во изминатите пет години.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП