18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВо кино со маски и без пуканки, од секторот бараат повеќе публика...

Во кино со маски и без пуканки, од секторот бараат повеќе публика и грант од државата за спас на дејноста!

Протоколите за работа на кината ги опфаќаат општите препораки за задолжително носење на заштитна опрема на лицето за сите посетители и вработени, одржување на физичка дистанца и забрана за групирање на публиката, задолжителна дезинфекција на рацете при влез во киното и проверка на телесната температура на посетителите. Покрај овие општи мерки, киното дополнително мора редовно да се чисти и да се дезинфицира во сите простории во киното во точно одреден интервал. Исто така постои, и ограничување на бројот на публика во кино салата, односно користење на најмногу 30% од капацитетот за седење.

Ваквите правила за работа не ги направи среќни одговорните лица на најголемото кино во Македонија Cineplexx. Сметаат дека работата со 30 отсто од капацитетот нема никаква економска исплатливост. Велат дека се за строги заштитни мерки, но задолжителното носење маски додека трае филмот е навистина непотребно кога се знае дека има доволно растојание помеѓу луѓето кои ја следат проекцијата.

„Според одлуката дозволено е да работиме со 30% од вкупниот капацитет на салата, со сите мерки кои се предвидени. Оваа мерка секако најмногу не погодува, сметаме дека процентот е премногу ригорозен. Ако се земе во предвид дека сите мерки строго ги почитуваме, растојанието од две седишта помеѓу посетителите, редовните дезинфекции, редуциран распоред на филмови поради намалување на гужвата при влез и излез од салите, не гледаме причина зошто да не работиме со минимум 50% од капацитетот, како што е скоро секаде во останатите земји од регионот. Дури во некој земји процентот оди и до 70%, секако со останатите мерки кои мора да бидат имплементирани според нивните протоколи. Искрено очекуваме и оваа мерка да биде ревидирана во блиска иднина“, велат за Денар од Cineplexx.

Што се однесува до финансиските штети, приходната страна на киното е во минус од речиси два милиони евра. Податоците кои ги добивме од Cineplexx за седум месечниот период во кој киното беше под клуч поради пандемијата, загубата изнесува 1, 2 милиони евра. Од владата бараат и тие да бидат вклучени во програма која овозможува посериозна финансиска помош. Зачудени се зошто со четвртиот пакет мерки не биле опфатени и кината во земјава.

„Штетата е огромна. Ако ја земеме само приходната страна, очекуваме загубата да биде повеќе од 1.7 милиони евра. Само во периодот од 7 месеци кога не работевме загубата е 1.2 милиони евра. Тоа е само за периодот кога не работевме. Од друга страна да не заборавиме дека ние зависиме од филмовите – а како што знаете многу од филмовите се одложија, студијата ги одложија премиерите, и сеуште ги одложуваат. Според тоа ситуацијата е доста сериозна од економска гледна точка, а според проценките од одговорните институции истата ќе трае. Според тоа, ги поздравуваме мерките од четртиот пакет – регулацијата на ддв процентот како и дополнителната субвенција за платите, но сметаме дека сме неправедно изоставени во делот на грантовите кои некои гранки ги добија. Ако се земе во предвид дека станува збор за странска инвестиција која вработува и која има план да инвестира и понатака во делот на кино културата – мораме да бидеме и ние дел од оваа мерка. Се надеваме дека Владата во најскоро време ќе го увиди превидот, можеби има и други сегменти, и дека Cineplexx ќе биде во можност да конкурира и за оваа помош“, додаваат од Cineplexx.

Што се однесува до киното Милениум, салата располага со 510 седишта, а според протоколите за работа во моментов се користат околу 130 седишта, односно 25 % од вкупниот капацитет. Кино Фросина пак, е сала со помал капацитет и од постојните 263 седишта, во склоп со протоколите, бројот на посетители кои можат да следат програма е сведен на максимален број од 51.

„Кино Милениум досега имаше само една проекција на филм во рамки на фестивалот CINEDAYS и публиката ги следеше сите препораки за заштита. Од понеделник (05.10) во кино Милениум и Фросина ќе се одвива фестивалот на планински филм ЕХО, по што киното ќе продолжи да работи со редовен репертоар, при што ќе инсистираме на следење на препораките и искрено се надеваме дека нема да има проблем во однос на следењето на препораките бидејќи се однесуваат на заштита на здравјето на самите посетители“, велат од кино Милениум.

Податоците кои ги добивме од кино Милениум покажуваат дека во текот на 2019 година, Милениум го посетиле околу 50.000 луѓе. На почетокот на 2020 година во киното има голем број на посетители благодарение на интересот што го предизвика филмот „Медена земја”, па така до затворањето на кино салите на почетокот на месец март, во Кино Милениум имало околу 13.000 посетители. Да не се случеше пандемијата, нивните проценките се дека 2020 година киното ќе забележеше поголем успех од лани во однос на бројот на премиери и посетители.

„Се надеваме дека во месеците што престојат, а особено со двете македонски премиери – филмот „Стела” на режисерот Стојан Вујичиќ и „Хомо” во режија на Игор Иванов – ќе ја привлечеме публиката повторно во кино. Киното Фросина пак, е сала која е мултифункционална – покрај стандардната функција како кино сала таа се користи и за други програмски дејности, театар, концерти и слично. Минатата година, само од филмска дејност, кино Фросина брои 9600 посетители кои во голем дел е публика на фестивалот CINEDAYS. 2020 година веројатно ќе продолживме со кино програма во нагорен тренд, особено бидејќи беа планирани повеќе активности во однос на подобрување на филмската понуда за младите и најмладите.“

Во Кино Милениум се вработени 10 луѓе. Киното Фросина пак работи во склоп на зградата на Младинскиот културен центар, кое пак вбројува 30 вработени кои покрај опслужување на дејноста на киното, работат и на други 200 културни настани  годишно кои се дел од програмата на установата. Cineplexx, пак е странска инвестиција и е едно од најмодерните кина не само во државата туку и во регионот. Вработените во оваа компанија добија помош од државата за субвенционирање на минимална плата, но очекувањата на овој правен субјект се дека нивните барања за грант ќе допрат до властите се со цел опстанок на компанијата и враќање на ликвидноста и можност за  нови инвестиции во периодот што следи.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП