2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГерманија: Странците се платени за 900 евра помалку од домашните работници

Германија: Странците се платени за 900 евра помалку од домашните работници

Странците во Германија во просек месечно заработуваат 900 евра помалку од домашните граѓани, но сепак, на новодојденците од регионов им е подобро од луѓето од Сирија или Авганистан, покажуваат статистичките податоци на Германската федерална агенција за труд.

Додека германските граѓани лани имале просечен месечен приход од 3.509 евра бруто, кај странците бил 2.614 евра. Тоа е дури за 895 евра или четвртина помалку, пишува Дојче Веле (DW).

Ова не е просечна, туку таканаречена медијална заработка – вредноста под и над која е точно половина од целиот приход.

За разлика од просекот, таа вредност го ублажува влијанието на многу ниските и особено многу високите плати и се рачуна дека подобро го отсликува стандардот на „обичниот“ човек, според DW.

Разликата меѓу Германците и странците е особено драстична кога станува збор за новодојденците од Сирија, Авганистан или Еритреја, кои заработуваат 1.475 евра помалку од локалното население.

Овие статистички податоци ги објави Сојузната влада како одговор на парламентарната истрага од редовите на Алтернатива за Германија. Особено се забележува колку разликите се зголемиле во претходните години – така што во 2010 година разликата била 11,6 проценти (317 евра).

Разликата не може да се прeпише само на образованието, бидејќи таа постои дури и кај неквалификуваните работници – странците добиваат 415 евра помалку од германците.

Неквалификуваните работници од регионов заработуваат 208 евра помалку месечно, додека луѓето од бегалските земји имаат 657 евра помалку месечно.

Во таканаречениот „сектор со ниски плати“  работат само 16 проценти од сите германски вработени, додека учеството на странците е 37 проценти.

Германската влада ја објаснува разликата во платите со фактот дека работниците од странство често имаат помалку искуство и експертиза. Според одговорот на владата, ангажирањето на повеќе странци може да има „ефект на притисок врз просечната заработка“.

„Луѓето кои штотуку се доселија се на почетокот на својата кариера во Германија. Нивните плати значително ќе се зголемат за време на нивната кариера“, вели Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на трудот при Агенцијата за труд.

Рене Шпрингер, пратеник од Алтернатива за Германија, кој и го постави ова прашање на владата, рече дека „имиграцијата не смее да доведе до дампинг на платите“. Неговата партија е силно против масовното доселување, пред се приемот на барателите на азил.

Брикер, од друга страна, смета дека „пристигнувањето на мигрантите има само маргинално влијание врз платите“.

Разликите, според владата во Берлин, може да се намалат со законски пропишаната минимална плата што постои веќе неколку години и со поттикнување на странците да студираат во Германија.

Според Сојузната агенција за труд, во последниот месец од минатата година, 21 милион домашни граѓани и три милиони странци имале работа со полно работно време во Германија, пишува DW.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП