20 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Caixabank“ и „Bankia“ го создаваат најголемиот доверител во Шпанија

„Caixabank“ и „Bankia“ го создаваат најголемиот доверител во Шпанија

Шпанските банки „CaixaBank SA“ и „Bankia SA“ го одобрија нивното спојување, со што ќе се создаде најголемиот кредитор во земјата во услови на забрзани спојувања меѓу европските финансиски институции.

Инвеститорите во „Bankia“ ќе добијат 0,6845 акции на „Caixabank“ за секоја акција на „Bankia“ што ја поседуваат, објавија во петокот двете банки. Ова претставува премија од 20% на цената на акцијата на „Bankia“ на 3-ти септември, ден пред објавувањето на можноста за ваква зделка и која се проценува на околу 3,8 милијарди евра.

Најголемата банкарска зделка во Шпанија во последните две децении е уште еден знак дека почнува да се случува долгоочекуваната консолидација во финансискиот сектор во Европа.

Претседателот на „Bankia“, Хозе Игнасио Гоириголсари ќе биде извршен претседател на споената банка, а извршниот директор на „Caixabank“, Гонзало Гортасар, ќе остане во таа улога, предводејќи го одборот од 15 члена. Договорот се очекува да биде одобрен од акционерите на двете банки во ноември, а спојувањето ќе биде финализирано во првиот квартал од 2021-ва година.

Главен акционер во новата банка ќе биде „Caixa Foundation“ преку својата холдинг-компанија „Criteria Caixa SA“ со 30% удел. Владата, која е мнозински акционер во „Bankia“, ќе има удел од околу 16% во новата компанија.

Шпанската влада го стекна својот мнозински удел во „Bankia“ во 2012-та година преку програма за спасување чија цел е да спречи распад на финансискиот систем на земјата. Стратешкиот потег денес, кој го зајакнува банкарскиот сектор, а истовремено го намалува уделот на државата во „Bankia“, е редок успех за владата на премиерот Педро Санчез.

Спојувањето ќе создаде кредитор со вкупна пазарна капитализација од околу 16,8 милијарди евра, врз основа на цените на акциите на банките во четвртокот. Компанијата ќе стане најголемата банка во Шпанија по кредити, средства и депозити. „Banco Santander SA“ и „Banco Bilbao Vizcaya Argentaria SA“ остануваат најголеми според пазарната капитализација, со значајни активности надвор од Шпанија.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП