26 април, 2024
ПочетнаАВТОБИЗРетро! „Nissan“ го претстави „Z Proto“ – наследникот на „370Z“ (ФОТО/ВИДЕО)

Ретро! „Nissan“ го претстави „Z Proto“ – наследникот на „370Z“ (ФОТО/ВИДЕО)

Автомобилот со кој „Nissan“ го најавува наследникот на актуелниот „370Z“ има твин-турбо „V6“ мотор и мануелен менувач, кој ќе ги воодуштеви традиционалистите.

„Nissan 370Z“ дебитираше пред повеќе од една деценија, па љубителите во спортските автомобили веќе некое време го очекуваат наследникот.

Иако се шпекулираше дека јапонскиот производител можеби ќе се откаже од новиот спортски модел од „Z“ серијата, демантот пристигна во видот на „Nissan Z Proto“.

Како што самата ознака „Proto“ кажува, станува збор за некој вид на прототип за идниот сериски модел кој на пазарот ќе го замени „370Z“.

„Nissan“ сакаше преку новиот модел да сподели приказната за богатата историја на своите спортски модели, во втората половина на векот, па во склад со тоа го обликуваше „Z Proto“.

Затоа дизајнот на надворешноста има ретро елементи, а и жолтата боја во која е обоен автомобилот  потсетува на онаа која некогаш ја имале „Z“ моделите.

Формата на фаровите претставува уште еден од ретро деталите, по примерот на „Nissan JDM 240ZG“ од седумдесетите години од минатиот век.

„Z Proto“ сепак е модерен спортски автомобил кој е поставен на 19-инчни алуминимски бандажи, а дека станува збор за современо возило од крајот на втората деценија од 21-виот век сведочат и бројните аеродинамични додатоци, од кои некои се изработени од јаглеродни влакна.

Дека станува збор за модерен автомобил, станува јасно и кога ќе се погледне во кабината и се забележат дигиталните екрани на инструмент таблата и централната конзола.

И тука „Nissan“ задржа некои ретро детали, како трите спортски аналогни инструменти на врвот на командната табла.

Кога станува збор за димензиите, должината на „Nissan Z Proto“ e 4.382 mm, ширината е 1.849 mm, a вистината изнесува 1.311 mm.

Тоа значи дека автомобилот е нешто подолг и поширок од „370Z“, но е понизок од тој спортски модел.

„Nissan“ го задржа и класичниот погонски систем, во кој, спротивно на трендовите, нема електрични компоненти.

Станува збор за твин-турбо „V6“ мотор кој е поврзан со 6-брзински мануелен менувач, што е уште една отстапка од традицијата во време кога повеќето спортски автомобили преминуваат на автоматски или роботизирани менувачи.

„Nissan“ не ги откри спецификациите на моторот, но најави дека ќе има значително повеќе моќ од погонската единица која се наоѓа во „370Z“.

Се шпекулира дека станува збор за агрегат кој се користи во „Infiniti Q60 Red Sport 400“, a кој располага со 406 KS и 474 Nm.

Тоа би било значително зголемување на моќта во однос на сегашниот „370Z“ чиј 3.7-литарски „V6“ произведува 337 KS и 366 Nm.

„Nissan“ не соопшти кога ќе можеме да ја очекувам продукциската верзија на „Z Proto“, но според најавите серискиот модел би требало да стигне во наредните 20-тина месеци.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП