28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАССК: Итно да се обезбеди финансиска поддршка за претпријатијата

ССК: Итно да се обезбеди финансиска поддршка за претпријатијата

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска оствари официјална работна средба со министерот за економија, Крешник Бектеши. Во фокус на средбата беа економските мерки најпогодените сектори кои се надлежност на Министерството за економија, туризмот, угостителството и  со него поврзаните дејности, како и потребата од итна директна финансиска поддршка. 

Арсовска, истакна дека без да се помогне веднаш особено на оние кои се принудно затворени, но и оние дејности кои поради природата на нивната работа немаат никакви приходи и нарушена ликвидност, падот на економијата ќе продолжи, ќе има дисторзија на пазарот на труд, трајно губење работни места и поради кризата замирање на претпријатија кои со години опстојувале на пазарот.

Стопанството се соочува со нарушена ликвидност, а за неговата лошата кондиција доказ е и регистрираниот пад на БДП во вториот квартал. Очекуваме интервенто да се делува со директна финансиска поддршка за најпогодените сектори за да се ублажат ефектите од пандемијата колку што е можно повеќе бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање. Кризата во континуитет трае повеќе од шест месеци, постојат дејности кои се уште се принудно затворени од Владата за што е неопходно што поскоро по примерот на земјите од регионот и светот да се креираат прецизни протоколи за работа за остварување на дејноста, но и здравствена превенција и да им се овозможи да функционираат. Министерството за економија во рамки на своите надлежности преку директно грантирање може да ги помогне оние кои се најпогодени, кои се принудно затворени и тонат, не по своја вина. Претприемачите се најпогодени од кризата, а имаат клучна улога во функционирањето на националната економија. 

Дополнително во секторите туризам, енергетика, минерални суровини, индустриска и инвестициска политика на деловната заедница и се потребни квалитетни и применливи закони со инклузија на реалниот сектор во самото драфтирање“, изјави Арсовска и додаде дека кризата е добар момент за реформирање во насока на зголемување на економската конкурентност.

Сојузот на стопански комори на Македонија и Туристичко – угостителската комора, имаат квалитетни експерти кои можат да придонесат за изработка на квалитетна Стратегија за туризам, со цел делување на намалување на сивата економија, да се регулира и поддржи работењето на туристичките водичи, како и да се делува на развој на дојдовниот и појдовниот туризам со позиционирање на Македонија на глобалниот пазар.

Министерот Бектеши истакна дека мерките ќе бидат донесени со целосна вклученост и консултација на секторот врз основа на реалните потреби. Тој информираше дека соработката со Сојузот и во претстојниот период ќе се интензивира со цел економските мерки да имаат поголем ефект за најпогодениот сектор. Бектеши најави дека поддршката ќе продолжи и во наредниот период преку четвртиот пакет мерки кој е во фаза на подготовка.

Сојузот на стопански комори како највисока форма на организирање на национално ниво е најголемата деловна мрежа која застапува преку 35 стопански комори и организации.

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП