9 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНаучници открија што предизвикува тешки форми на Ковид - 19

Научници открија што предизвикува тешки форми на Ковид – 19

Човечкиот пептид наречен брадикинин може да биде одговорен за разновидните и понекогаш фатални симптоми забележани кај пациенти заразени со новиот коронавирус.

Лекови за контрола на брадикинин веќе постојат и тие во моментот се тестираат кај пациенти со Ковид-19 за потенцијална терапија против болеста.

Брадикининот нормално помага во регулирање на крвниот притисок, а кај некои луѓе, се чини дека новиот коронавирус го поттикнува производството на брадикинин „со петта брзина“. Тоа може да доведе до еден вид „бура на брадикинин“ во човечкото тело, што пак резултира со низа симптоми кои се вообичаени кај Ковид-19 болеста.

Ренука Роше од Универзитетот Eastern Michigan, вели дека таквата бура во човечкото тело може да објасни зошто се одделени толку многу аспекти на Ковид-19, како што се болки во мускулите, поблага форма на заболување кај жените отколку кај мажите и склоност на Афроамериканците да развијат компликации од новиот коронавирус.

Тим американски научници објавија студија во јули во која проучувале експресија на гени во примероци на белодробни течности земени од девет пациенти во Кина и ги споредиле наодите со примероци од група луѓе кои немале Ковид-19.

Соодветно на тоа, кај ковид-пациентите пронајдени се докази за прекумерна експресија на гени одговорни за производство на брадикинин, а кај групата која не била заразена имале намалена експресија на гени кои произведуваат ензими кои го држат брадикининот под контрола.

Брадикининот ги шири крвните садови и ги прави попропустливи, а големите количини на брадикинин може да доведат до протекување од крвните садови, особено во областите на телото кои се богати со крвни садови, како што се белите дробови. На сличен начин, брадикининот може да ја разгради браната помеѓу крвта и мозокот, што укажува на можна причина за збунувачките невролошки симптоми на болеста Ковид-19.

Канадскиот експерт Џо Пенингер смета дека хипотезата со брадикинин има смисла затоа што новиот коронавирус ги напаѓа ACE-2 рецепторите во клетките, а тие се исто така одговорни за зауздување на нивото на брадикинин. Бидејќи вирусот ја намалува способноста на овие рецептори, нивото на брадикинин во човечкото тело може да излезе од контрола, вели Пенингер.

Претходно споменатиот тим на американски научници во студијата објавена во јули откри прекумерна експресија на гените во телата на пациентите со Ковид-19, која е одговорна за производство на хијалуронска киселина, која кога ќе се измеша со течност, како онаа која крвните садови може да ја пуштат во белите дробови, станува желатинозен. Ова го објаснува и најтешкиот симптом на новата инфекција со коронавирус, односно отежнатото дишење.

За среќа, лековите што го контролираат нивото на брадикинин и хијалуронската киселина постојат дури и пред да се појави пандемијата. Затоа во јули во Холандија започна прелиминарното тестирање на лекот “ицатибант” кај девет пациенти кои беа на респиратори.

Ицатибант им помогна на осум од овие девет пациенти во прелиминарното тестирање.

Во моментов се спроведуваат нови студии во САД и Европа за да се тестира друг лек за контрола на брадикинин – “ланаделумаб”. Следејќи ги овие студии, целта е да се спроведе тестирање на стотици пациенти ширум светот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП