23 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВести од светот

Вести од светот

vesti-svet

Најнови вести од светот 18.07.2013 година

Белград – „ЈAT Ервејз“ ќе земе на лизинг два авиона од типот „Боинг 737-300“ и со тоа ќе ја дополни својата флота за оваа сезона, соопшти генералниот директор на српската авиокомпанија Велибор Вукашиновиќ.

Подгорица – Електричната енергија за домаќинства со двотарифни броило, кои се најбројни во Црна Гора, од 1 август ќе поскапат за 2,38 отсто. Тоа е трето поскапување за една година, со кое цената на киловатчас струја од сегашните 8,3 евроценти ќе се зголеми на 8,32, односно 9,9 евроценти со ДДВ. Регулаторната агенција за енергетика соопшти дека просечното поскапување на струјата за сите потрошувачи, наместо претходно проектираните 5,2 отсто, од следниот месец ќе изнесува 1,36 отсто.

Сараево – Пензионерите во Босна и Херцеговина се наоѓаат во се потешка положба, го губат трпението и порачуваат дека не ја исклучуваат можноста од излегување на улица. Над 400.000 пензионери, откако ќе ги платат комуналните трошоци, нема со што да купат храна, пишува „Независне новине“. Во Федерацијата БиХ, според проценките на здружението на пензионери, на работ на глад се околу 235.000 пензионери, а во Република Српска екстремно сиромашни се околу 70 отсто од пензионерите, односно околу 168.000 припадници на најстарата популација.

Бања Лука – Вкупно 53 хрватски фирми кои се занимаваат со производство и преработка на месо, не ќе можна да извезуваат во БиХ се додека не ги исполнат стандардите за производство бна ЕУ. Одлуката за новиот увозен рез на властите во БиХ настапи по влезот на Хрватска во ЕУ, со оценка дека хрватските фирми треба да ги исполнат сите услови кои при извоз важат во Унијата, исто така како што се бара од компаниите од БиХ кога извезуваат во Хрватска. Министерот за надворешна трговија и економски односи на БиХ Мирко Шаровиќ изјави дека меѓу хрватските компании под ембарго се најголем број кланици кои во рамки на ЦЕФТА ги исполнувале условите за извоз во БиХ, но не и во новонастанатите околности.

Загреб – Германскиот автоклуб АДАЦ ги испита цените во 60 најпопуларни  европски летувалишта, при што утврди дека летувањето е најевтино во Бугарија, а Хрватска во споредба со конкурентните Шпанија, Грција и Турција, се покажала како најскапа дестинација. Во бројки тоа изгледа вака: потрошувачката кошница во летувалиштата ви Бугарија изнесува 122 евра, во Турција 147 евра, во Грција 150 евра, во Шпанија 159 евра, а во Хрватска 163 евра.

Виена – Генералниот директор на „Рајфајзен банката“, Карл Севелда изјави дека ќе покрене програма за намалување на трошоците, која ќе опфати и затворање на некои сектори. Со тоа оваа меѓународна банкарска групација ќе се обиде да оствари трицифрената милионска заштеда и да го зголеми сопственото ниво на капитал за 1,8 милијарди евра на среден рок. Севелда, кој стапи на функцијата генерален директор на „Рајфајзен“ во јуни оваа година по ненадејната оставка на Херберт Степич, порача дека Унгарија и Словенија се меѓу земјите од кои банката може да се повлече за да ги намали ризиците.

Рим – Бројот на сиромашни лица во Италија достигна 9,5 милиони, што е најголема бројка од 2005 година, соопшти  италијанска Национална агенција за статистика ИСТАТ. Италија е трета по големина економија во Европа, но веќе две години оваа земја ја потресува должничката криза. Попрецизните податоци покажуваат дека 9 милиони и 563 илјади Италијанци се сиромашни, што претставува 15,8 отсто од вкупниот број на жители на Италија.

Париз – Околу една третина од Французите барем еднаш месечно „одат“ во недозволен минус на тековните сметки, покажа студијата на Panorabanques.com. Околу 28 отсто Французи го надминуваат дозволениот лимит на банкарските сметки најмалку еднаш месечно за да ги подмират секојдневните животни трошоци. За таква пракса главно посегнуваат граѓани со најмали приходи. Како што покажа анкетата, секој трет Французин со нето месечна плата помала од 1.500 евра е принуден да биде во недозволен минус, а со плата од над 3.000 евра месечно е секој осми жител на Франција.

Москва – Рестораните за брза храна „Мекдоналдс“ лани забележа побавен раст на приходите во Русија, од 19,6 отсто. Прометот на „Мекдоналдс“ во Русија е зголемен за 24,5 отсто на 42,6 милијарди рубљи (1,32 милијарди долари), од 34,1 милијарда рубљи (1,056 милијарди долари) во 2011 година. Приходите на уште една оперативна компанија на „Мекдоналдс“ во Русија, „Москва Мекдоналдс“, лани достигнале 12,9 милијарди рубљи (400 милиони долари), што претставува раст од 5,7 отсто.

Лондон – Американските власти ја казнија британската банка „Берклиз“ со 453 милиони долари, поради наводно учество во договарање на цените на електричната енергија во западниот дел на САД. Американската Федерална регулаторна комисија за електрична енергија (ФЕРЦ) ја казни „Берклиз“ со 453 милиони долари, поради обид за манипулирање со цените на струјата во Калифорнија и на други пазари од крајот на 2006 до 2008 година. ФЕРЦ наведува дека четворица трговци на британската банка манипулирале со индексот на цените во корист на „Берклиз“.

Сиднеј – Австралиската винарија „Трежари Вајн Естејтс“ ја прецени можноста за продажба на своите евтини вина на американскиот пазар, па преголеми количества останаа во резерви со истечен рокот на траење. Оваа година винаријата планира помал извоз на американскиот пазар, со што ќе ја намали и оперативната заработка до 30 милиони австралиски долари. Евтините вина, со малку алкохол немаат ни приближно долг рок на траење како другите, но сепак ретко се случува да се уништуваат големи количества од овој вид вино.

Вашингтон – Нето профитот на „Банката на Америка“  во вториот квартал од годинава порасна за 70,2 отсто, како резултат на поголемиот обем на трговија и подобриот квалитет на кредитното портфолио. Како што соопшти банката, нејзиниот нето профит во тој период пораснал на 3,6 милијарди долари, благодарејќи на приходите од 22,7 милијарди долари, што е значително повеќе во однос на профитот од 2,1 милијарда долари и приходите од 22 милијарди долари од истиот период лани. Со тоа и заработката по акција порасна на 32 центи во однос на очекувањата на аналитичарите од 25 центи.

Вашингтон – Шефот на американската централна банка, Федералните рерзерви (Фед), Бен Бернанки порача дека временскиот рок за прекин на откупот на обврзници не е однапред одреден. Според него, Фед би можел да ја намали или да ја зголеми програмата за поттик на откупот, зависно од економската состојба во земјата. Бернанки порача дека завршувањето на програма на откуп на обврзници во месечна вредност од 85 милијарди долари, не значи дека Фед е подготвен да започне со заострување на монетарната политика.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП