27 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПандемијата го „стопи“ приходот на „LVMH“ во вториот квартал

Пандемијата го „стопи“ приходот на „LVMH“ во вториот квартал

Приходите на конгломератот за луксузни производи „LVMH“ се намалија во вториот квартал од годината, откако продавниците ширум светот се затворија и туризмот практично беше стопиран.

Компанијата пријави пад на приходите од 38% во трите месеци до јуни, се вели во соопштението на „LVMH“. Сепак, ова е под очекуваниот пад на аналитичарите од 42%, пренесе „Bloomberg“.

Аналитичарите очекуваа дека вториот квартал ќе биде најлош досега за секторот заради ефектите од пандемијата. „LVMH“ објави знаци на закрепнување во некои бизниси во јуни, особено силното подобрување во Кина. Очекувањата се дека трендовите ќе продолжат и во јули. Сепак, тоа не беше доволно и профитот за првата половина од 2020-та година не успеа да ги исполни предвидувањата на пазарот.

„„LVMH“ покажа релативна стабилност во однос на приходите во првата половина од годината“, рече Лука Солка, аналитичар во „Bernstein“. „Во однос на профитот, очигледно е дека не успеа да ги намали трошоците со иста стапка како и намалувањето на приходите заради основата на фиксните трошоци“, додаде тој.

Добивката на компанијата од континуирано работење изнесуваше 1,67 милијарди евра за првата половина, помалку од очекуваните 2,32 милијарди евра. Главниот финансиски директор на „LVMH“, Жан-Жак Гуони изјави дека компанијата ги намали своите оперативни трошоци за 29% во вториот квартал од само 2% во претходните три месеци. „Очекуваме да ја одржиме контролната основа на трошоците“, рече тој.

Гуони во интервју за францускиот весник „Le Figaro“ рече дека „LVMH“ сè уште очекува да биде исполнет договорот за купување на американската компанија за накит „Tiffany & Co.“.

„Резултатите на „Tiffany“ се исто така погодени од кризата“, рече главниот финансиски директор за францускиот весник. Сепак, тој истакна дека „LVMH“ има договор и има намера да го почитува.

Продажбата на одделот за мода и кожа на „LVMH“, во која се вклучени брендови, како „Louis Vuitton“, падна за 37 проценти во кварталот од очекуваните 38 проценти од аналитичарите. Истоимената марка ги зголеми цените на некои свои производи ширум светот, вклучително и за нејзините иконски чанти за 5% кон крајот на јуни и почетокот на јули. Исто така, некои од најпродаваните производи на „Dior“ веќе се на пазарот по повисока цена.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП