28 март, 2024
ПочетнаКОМПАНИИ„Goldman Sachs“ постигна договор од 3,9 милијарди долари со Малезија

„Goldman Sachs“ постигна договор од 3,9 милијарди долари со Малезија

Во рамките на корупцискиот скандал и скандалот со перење на пари во малезискиот државен фонд за инвестиции „1Malaysia Development Berhad“ (1MDB), американската инвестициска банка „Goldman Sachs“ склучи вонсудски договор со земјата од Југоисточна Азија. Малезиското Министерство за финансии во петокот го потврди договорот вреден 3,9 милијарди долари, пренесува „Bloomberg“.

Договорот вклучува директна исплата од 2,5 милијарди долари на малезиската држава. Уште 1,4 милијарди американски долари од запленетите средства од „1MDB“ се очекува да бидат вратени со помош на „Goldman Sachs“ и Министерството за правда на САД.

Од друга страна се очекува малезиските власти да ги отфрлат кривичните пријави против извршните директори на „Goldman Sachs“ и нема да истражуваат нови врски поврзани со скандалот.

Во 2018-та година, тогашниот малезиски премиер Наџиб Разак беше дел од аферата која вклучуваше злоупотреба на државните средства. Менаџерите на „Goldman Sachs“ се обвинети дека се вклучиле во криминални активности околу „1MDB“ за да добијат профитабилни договори.

Според Министерството за правда на САД, високи функционери на фондот и нивните партнери злоупотребиле повеќе од 4,5 милијарди долари од државниот фонд „1MDB“, кој требаше да ја стимулира малезиската економија. Парите, наводно, биле користени за поткуп на владини службеници, финансирање на „црната каса“ на поранешниот премиер Наџиб Разак и купување накит, слики и недвижнини вредни стотици милиони долари.

Пред една година, Малезија поднесе кривична пријава против 17 сегашни и поранешни директори на подружници на американската банка „Goldman Sachs Group Inc.“ во врска со истрагата за повеќе милијарди долари за корупција во малезискиот државен фонд „1MDB“.

Самата банка постојано негираше какво било лошо работење и во повеќе наврати рече дека некои членови на поранешната малезиска влада и фондот „1MDB“ ја излажале „Goldman Sachs“, надворешениот адвокат и други за користење на приходите од самите трансакции (продажба на обврзници).

Малезија соопшти дека ќе бара компензација од 7,5 милијарди долари од „Goldman Sachs“ за своите зделки со државниот инвестициски фонд „1MDB“, кој беше формиран во 2009-та година од тогашниот премиер Наџиб Разак.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП