27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХотелиерите условуваат, резервирајте седум дена престој или на друго место трошете го...

Хотелиерите условуваат, резервирајте седум дена престој или на друго место трошете го ваучерот!

Брачен пар од Скопје кој од државата добил ваучер за годишен одмор во вредност од шест илјади денари бил одбиен од сместувачки капацитет да резервира само еден викенд. Од хотелот им било наложено да резервираат најмалку седум дена или во спротивно нема да може да го искористат ваучерот кај нив, поради што биле принудани да бараат друго место каде ќе може да го реализираат ваучерот. 

Граѓаните кои се обратија во редакцијата на Денар, велат дека слични искуства имаат и нивни пријатели, замолија да останат анонимни и институциите да воведат поголеми контроли. Побаравме информации од Министерството за економија кои се надлежни за мерката со ваучерите за годишен одмор. Од таму велат дека не постојат никакви ограничувања од страна на сместувачките капацитети при организирањето на одморот, Корисниците на ваучери може да го продолжат одморот по нивна желба со доплата но, не и по барање од страна на хотелиерите за уплата на поголем број на денови од оној што може да се плати со самиот ваучер.

Денар контактираше и со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот. Директорот Љупчо Јаневски апелира до сите туристички работници кои се дел од оваа кампања, да бидат максимално флексибилни со самите аранжмани, да понудат конкурентни цени и да се достигне посакуваната цел, два милиони ноќевања само од домашни туристи.

„Од 15-ти јули започна примената на кампаѓата „Дома си е дома“ со ваучер системот во кој околу 117 илјади наши граѓани добија ваучери за поттикнување на нивниот одмор токму во Македонија. Ваучерот претставува вредносен бон и тој во моментов вреди шест илјади денари, секако има и картичка за купување домашни производи во зависност од групата во која припаѓаат корисниците на ваучери и/или картички. Никој не е задолжен колку време треба да седи, туку граѓаните може и еднократно, за еден ден да го искористат ваучерот од шест илјади денари. Тој што добил ваков ваучер по сопствена волја може да доплати и да престојува повеќе време доколку му се допаѓа, но нема обврска да престојува седум, или десет дена во еден сместувачки капацитет“, изјави Јаневски.

Околу 450 сместувачки капацитети се во игра за проектот „Дома си е дома“ односно во толку сместувачки капацитети може да се искористи ваучерот за годишен одмор финансиран од државната каса. Со ваучерот може да се плати само сместувањето.

„Според моите информации голем број од сместувачките капацитети кои се пријавени за овој проект веќе почнуваат да се резервираат. Јас очекувам веќе од 20-ти овој месец туристичката сезона помасовно да започне. Само да напоменам дека над 30% лани од вкупниот број на гости беа домашни. 2020-та по многу нешта е специфична поради пандемијата и очекувам дека годинава нема да имаме класична сезона. Сите домашни туристи и се надевам во многу брзо време гости од регионот ќе ја искористат можноста да ги запознаат сите туристички атракции или да ја запознаат дестинацијата на малку поразличен начин“, изјави Љупчо Јаневски директор на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот.

Вкупната вредност на ваучерите кои граѓаните ги добија за да одат на одмор  во домашните туристички капацитети се во вредност од над  10 милиони евра. Еден ваучер е во вредност од шест илјади денари, а поделени се 117 илјади ваучери.

Од здружението на хотелиери ХОТАМ велат дека не се запознаени со случаи во кои се бара од гостите да резервираат повеќе денови од тоа колку може да платат гостите со ваучерот добиен од државата. И од ова задружение посочија дека годинава мора заеднички да се работи се со цел да се помине оваа криза. Дека заработка нема да има никој годинава тоа е јасно велат хотелиерите, но најбитен е опстанокот како сектор и еднаков третман на  секој гостин. Освен домашни хотелиерите се надеваат дека во периодот што следи  ќе имаат и  странски туристи.

Издавањето на ваучери за туризам на вработени со низок доход заради поттикнување на домашниот туризам за време на вонредна состојба, е мерка која беше донесена од страна на владата со Уредба со законска сила. Според планот, ваучери за туризам им следуваат на сите вработени граѓани кои немаат месечни приходи поголеми од 15.000 денари, односно според податоците од Управата за јавни приходи во периодот од јануари до април 2020 година не оствариле приходи поголеми од 60.000 денари.

„На истите граѓани кои ќе добијат ваучер во вредност од 6.000 денари им следува и електронска платежна картичка во вредност од 3.000 денари која можат да ја користат во сите угостителски објекти за исхрана и во објектите каде ќе одмараат и во други угостителски објекти за исхрана. Платформата на која сите категорозорани туристичко-угостителски објекти низ државата ќе ги презентираат своите капацитети за сместување, каде што граѓаните кои ќе добијат ваучери ќе може да изберат која од понудите ќе може да ја искористат односно ќе изберат каде ќе го поминат својот годишен одмор“, информираат од ресорното министерство.

Обврската за оние сместувачки капацитети кои не се регистрирани да се категоризираат за да бидат во игра и да нудат смествување кое би се плаќало со ваучерите беше до 20-ти минатиот месец. Од ресорното министерство потенцираа дека ги намалиле и олесниле процедурите за категоризација за што поголем избор за граѓаните за ова лето. Граѓаните ваучерите за одмор во домашните туристички капацитети ќе можат да ги користат од 15 јули 2020 година до 15 декември 2020 година.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП