20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСончање на лежалки под маски, задолжителна дистанца во вода и на плажа,...

Сончање на лежалки под маски, задолжителна дистанца во вода и на плажа, во радиус од 100 метри дозволени само 15 гости!

Владата ги донесе протоколите за плажите во тек на пандемијата предизвикана од Ковид-19. На плажа од 100 метри квадратни, може да има 15 посетители. Носењето маски ќе биде задолжително секаде освен во вода. Не само посетителите, туку и вработените треба да почитуваат физичка дистанца од два метри. И на ова место потребно е често миење на раце со вода и сапун или употреба на средства за дезинфекција. Концесионерот има обврска редовно да ја дезинфицира средината, а исто така на достапни места да постави средства за дезинфекција наменети за посетителите, како и корпи за отпадоци кои ќе имаат капак. Пред самиот влез на плажата концесионерот е обврзан да постави информативни материјали за едукација на посетителите и да врши гласовно информирање на посетителите за што поголемо придржување кон препораките. Сите вработени лица но и посетителите до влегувањето во вода задолжително да носат лична заштитна опрема на лицата, што подразбира било каква форма на заштита која што ги покрива пределот на носот и устата. Ограничувањето на бројот на посетители на плажата, согласно квадратурата да биде максимум 15 посетители на 100 метри квадратни, нето површина.

Во препораките, исто така стои дека помеѓу индивидуалните чадори треба да се обезбеди минимално растојание од четири метри, со што секој чадор би обезбедил сенка за најмногу две лица, ова не се однесува на семејства со две деца. Треба да се обезбеди и растојание од два метри помеѓу лежалките поставени под соседните чадори. Лежалките е задолжително да се дезинфицираат пред и по користење на секој посетител, а секој посетител треба задолжително да постави пешкир на лежалката пред да ја употреби.

Концесионерите на плажи, треба да обезбедат лица кои ќе бидат задолжени за спроведување на препораките наведени во протоколот, односно да го контролираат бројот на посетители, како и индивидуалното спроведување на мерките.

Денар контактираше со дел од концесионерите на плажите во Охрид.

Сопстениците на плажи се за превентивно работење и заштита на гостите и персоналот и покрај тоа што се убедени дека годинава ќе работат без економска исплатливост. Жална е сликата велат, во средина на летната сезона, плажите да бидат празни, во рестораните и баровите да има една до две маси со гости, а шеталиштето да биде без џагор од домашни и странски туристи.

„Мора да се пролагодиме, нема друго чаре. Контроли на тој простор ќе биде тешко да се спроведуваат. Но ќе се обидеме. Имам 100 лежалки на 1300 квадрати, не трупаме со лежалки, сакаме комоција да имаме. Нема гужви  и метеж кај нас, имаме културни гости и нема масовни собири на големи друштва. А и досега немавме гужви, лани и претходни години. Во јуни и овие денови од јули, гости има само за викенд, во работни денови нема туристи, од мештаните по некој капач или гостин ќе дојде да испие кафе и тоа е. Можам да кажам дека и да ги немаше овие официјални препораки од Владата ќе работевме превентивно, впрочем на некоја дистанца се секогаш наместени на нашата плажа и лежалките, а и масите покрај барот. Но сепак имам мал скептицизам како тоа се беспрекорно ќе се применува бидејќи не станува збор за затворен простор, а на отворено социјалната дистанца е тешко да се одржува. Но, вреди да се обидеме и што е до нас нема да претставува проблем да спроведеме мерки кои ќе гарантираат заштита на гостите и вработените“, изјави за Денар Митко Пендов, концесионер на плажата Потпеш.

За ова лето, според протоколите, нема да бидат дозволени групните спортови на плажите, со што одбојката на плажа годинава се забранува. Со тоа се согласува и Љупчо Нечкоски, кој е концесионер на плажата Акапулко, со образложение дека на тој начин би се подигнала и превентивата на едно повисоко ниво.

„Ништо не е ново, се е вообичаено. Ова е само една процедура. Дистанцата е нормално нешто, како секаде, па така и тука. Нормално и хигиената треба да биде на повисоко ниво. Добро е тоа што ќе има и лице што ќе биде задолжено за одржување на ред. Ние дури ќе го означиме со посебна униформа или беџ за да  може да го препознаваат гостите. Она што е збунувачки за мене е протоколот околу поставеноста на чадорите. Чадорите треба да имаат функција да прават сенка, а не треба да се посочува каде да се поставуваат. Се согласувам околу забраната за одбојкарски игралишта на плажите бидејќи нема да се знае кој ќе игра и кој со кого ќе има контакт. Оваа година никој не треба да бара економска исплатливост во работата, па така и ние. Такво нешто особено во турзмот оваа година нема да постои. Мојот став е дека оваа година ќе биде преживување, па дури и малтретирање не само наше како сопственици, туку и за гостите, а и за персоналот. Плажата на која што сум концесионер се простира на 4300 квадратни метри, до минатата година на плажата имавме 250 лежалки, слободен дел за пешкири и ресторан со маси, а оваа година капацитетот ќе се намали за околу 40 отсто. Затоа ќе се работи со редуциран персонал, а поради превентива ќе биде затворена и кујната. Освен пијалоци, кафиња, ќе нудиме и закуски како тостови и ладни сендвичи.Напоменувам дека ваквата вонредна состојба нема да не принуди да ги зголемиме цените за гостите, особено не цените за лежалките. Очекуваме зголемен број на туристи за време на овој викенд, барем такви се најавите и Охрид да биде помасовно посетен во следните 30 дена“, изјави Љупчо Нечкоски, концесионер на плажата Акапулко.

Дополнително, потребни се засилени санитарно-хигиенски мерки, зачестено одржување на хигиена во тоалетите на секои два часа во текот на денот и тоа со средства за дезинфекција кои делуваат на вируси. Потребно е и водење на задолжителна евиденција за спроведените хигиенски мерки.

Обврска за вработените пак, освен да се придржуваат кон препорачаните превентивни мерки, е редовно да ја следат својата здравствена состојба. Доколку развијат некаква болест или имаат симптоми на респираторна инфекција, како покачена телесна температура, треска, кашлица, или отежнато дишење, не треба да доаѓаат на работното место се додека не се јават на својот матичен лекар. Доколку вработениот имал близок контакт со потврден случај на Ковид-19, треба задолжително да го извести својот претпоставен.

За користењето на угостителските услуги на самите плажи, се препорачува почитување на Протоколот за угостителска дејност, кој важи во услови на пандемијата предизвикана од Ковид-19.

Како последна точка од препораките стои дека не се препорачува користење на гардероби за пресоблекување на плажите.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП