Ко-основачите на „Alibaba“ значително го намалија својот удел во компанијата, откако продадоа акции во вредност од милијарди долари во изминатата година, пренесува „Reuters“.
Годишниот извештај на онлајн трговската компанија покажа дека Џек Ма го намалил својот удел во „Alibaba“ на 4,8% наспроти 6,2 проценти на крајот на 2018-та година.
Иако компанијата не ја прецизираше просечната цена по која тој ги продаде своите акции, по сегашни цени овие акции се вреднуваат на околу 8,2 милијарди долари.
Продажбата доаѓа во услови на оставка на Ма од „Alibaba“ во септември 2019-та година за тој да може да се фокусира на добротворни цели.
Акциите на „Alibaba“ се зголемија за 40% во 12-те месеци од објавувањето на годишниот извештај за 2018-та година до објавувањето на оној за 2019-та година.
Добриот перформанс на акции на „Alibaba“ се должи на новиот коронавирус, кој направи се повеќе и повеќе луѓе да купуваат преку интернет.
Добрата продажба доведе до подобар од очекуваниот профит за компанијата, во услови на пад на кинеската економија како целина.
Извршниот потпретседател и ко-основач на компанијата Џозеф Цај исто така го намали својот удел во „Alibaba“, кој сега веќе поседува 1,6 проценти од 2,2 проценти пред една година.
Продадените акции се вредни 3,3 милијарди американски долари по тековни цени на акциите на компанијата.
Во моментов, Ма и Цај се се помалку и помалку вклучени во нивната секојдневна работа во „Alibaba“.
Даниел Занг е прогласен за наследник на Ма како претседател на одборот. Тој ја презема оваа функција во септември 2019-та година.
Според Комисијата за хартии од вредност на САД од април 2019-та година, Ма има продадено 21 милион акции на компанијата, а со овие средства ќе ги финансира своите добротворни иницијативи.
Денес, „Alibaba“ е вредна 705 милијарди долари, што е малку повеќе од „Facebook“.
Богатството на Ма се проценува на 47,8 милијарди долари, според „Forbes“. Цај, од друга страна, поседува 12,4 милијарди долари.