4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАВашингтон и Пекинг во клинч: САД официјално го напуштија СЗО

Вашингтон и Пекинг во клинч: САД официјално го напуштија СЗО

Во време кога имаат повеќе од три милиони заразени со Ковид – 19, САД го напуштија СЗО. Трамп: СЗО работи во интерес на Кина. Пекинг: Поддржете го СЗО! СЗО: Немаме повеќе информации

Во време кога во САД вкупниот број на заразени со вирусот Ковид-19 надмина три милиони, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ги извести Конгресот и Обединетите нации дека Соединетите држави формално се повлекуваат од Светската здравствена организација. Пекинг реагираше брзо со апел, светот да го поддржи СЗО.

Шефот на Белата куќа ја оптужи Светската здравствена организација (СЗО) дека постапува во согласност со кинеските интереси за време на пандемијата на коронавирус. Кина, од друга страна, тврди дека овој потег на Вашингтон ќе има големи импликации врз земјите во развој, а портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Жао Лијан, апелираше до меѓународната заедница да го поддржи СЗО.

Обединетите нации претходно објавија дека Соединетите држави ќе го напуштат СЗО на 6 јули 2021 година, откако добиле известување за одлуката на Трамп. Писмото упатено до ООН содржи само три реченици, во кои се споменува повлекување во рок од една година.

Во меѓувреме, Светската здравствена организација, само соопшти дека добила извештај дека Соединетите држави официјално го известиле генералниот секретар на ООН за повлекување од СЗО. Но, во исто време, СЗО посочува дека нема повеќе информации. И во САД, висок функционер само потврди дека администрацијата на Трамп ги известила Конгресот и ООН дека Соединетите држави формално се повлекуваат од СЗО.

Претходно, и републиканските и демократските конгресмени зборуваа за системските проблеми со СЗО, но ја критикуваа и одлуката на Трамп да се повлече од таа организација. На четири месеци пред претседателските избори во САД, оваа одлука на кандидатот на републиканците за втор мандат во Белата куќа предизвика остра реакција од демократскиот камп, кој има мнозинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес.

“Конгресот го доби известувањето дека Трамп официјално ги повлече САД од СЗО, на среде пандемија. Тоа нема да ги заштити животите или интересите на Американците – тоа ќе ги остави Американците болни, а Америка сама”, реагираше демократскиот сенатор Роберт Менедез на Твитер.

Во мај, Трамп го најави повлекувањето од СЗО, посочувајќи го прстот кон оваа организација како виновник за лошиот третман за време на епидемијата на вирусот. САД се најголем донатор на СЗО, во чиј буџет тие плаќаат околу 15 проценти од вкупните средства на оваа организација. Во изминатите две години, Соединетите држави издвоиле 893 милиони американски долари за СЗО, од кои 237 милиони американски долари се задолжителни членарини и 656 милиони долари за донации.

Црн рекорд во Америка

САД се најпогодени од новиот вирус во светот – вкупно 3.097.084 се разболеле, додека вкупно починале 133.972 лица. Во последните 24 часа 46.500 лица се разболеле во САД. Рекорден број нови случаи е регистриран во две американски сојузни држави – 10.201 во Калифорнија и 10.028 во Тексас.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП