25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААнализа: До 5 јули се очекува трето зголемување на позитивни лица на...

Анализа: До 5 јули се очекува трето зголемување на позитивни лица на КОВИД 19

Во наредниот период, до 5 јули се очекува трето зголемување на позитивните лица на КОВИД-19. Олеснителна околност е што предвидениот пораст на позитивни случаи, во споредба со претходните ќе биде од полесен карактер. До ваков заклучок дошла анализата на двајца професори на Економскиот факултет – Кристијан Кожески и Борчењ Треновски, кои низ математички прецизни пресеци на расположливите податоци од институциите за бројот на тестирања, позитивни лица, лица во самоизолација, доаѓаат до определени пресметки за трендовите на движење за КОВИД-19. Анализата носи наслов  „До кога ќе зборуваме за втор бран на КОВИД 19 – Дали трендот ќе продолжи? Резултатите од анализата покажале и дека доколку бројот на тестирања се зголеми за 10%, бројот на лица позитивни на КОВИД-19 во периодот до 5 јули ќе порасне во просек за 12,8%. А доколку пак во пресметката се иземе месец февруари, како месец кога има мал број позитивни случаи, и се мери само на односот во месеците март, април, мај и јуни ваквиот процент ќе биде уште повисок и ќе изнесува 13,5%.

„Без претензии дека ја познаваме природата на вирусот и сите здравствени и социјални аспекти поврзани со истиот, решивме да презентираме генерални податоци и определени пресметки за трендовите на движење на определни аспекти од интерес за граѓаните – кога зборуваме за КОВИД-19. Не алудираме на транспарентноста на Министерството за здравство која е на исклучително ниво периодов, единствено се надеваме дека кога сите податоци од почетокот на пандемијата ќе се стават на едно место – сликата ќе стане појасна“, велат авторите.

Гледано наназад низ месеците од кога се појави вирусот во земјава, анализата покажала дека како што растатат тестирањата, така расте и бројот на позитивни случаи на КОВИД-19. Анализираниот период е од 1 Април до 23 Јуни.

Бројот на спроведени тестирања започнувајќи од втората половина на месец мај бележи евидентен нагорен тренд. Ваквиот тренд достигнува највисока вредност на 17 јуни каде што во еден ден се спроведени 1391 тестирања. Што се однесува на бројот на позитивни лица на дневна основа, и покрај зголемените тестирања со определено задоцнување (почнувајчи од месец јуни) кај истите се забележува исто така нагорен тренд – интензитетот на ваквиот тренд започнува да ослабнува дури по 18 јуни“, покажала анализата.

Според резултатите движењето и интензитетот на пандемијата во Македонија завзема одредени циклични движења кои се јавуваат во три одделни периоди.

Првиот период го одразува на движењето на месец април каде што може да се констатира дека на почетокот на месецот се забележува отстапување од просекот на лица позитивни на КОВИД-19 – оваа тенденција го ослабува својот интензитет во втората половина на месецот. Вториот период, кој по својот интензитет се разликува од двата останати периоди се јавува на почетоток на месец мај. Во првите десет дена на мај се забележува мало отстапување во интензитетот на пандемијата, кое споредено со интензитетот на претходниот период може да се смета за контролирано. Третиот период го карактеризира почетокот на месец јуни. Имено, почнувајќи од месец јуни процентот на позитивни лица во однос на дневниот број на тестирани лица бележи остар нагорен тренд, за на средината на месец јуни да биде забележан до сега највисок процент на КОВИД-19 позитивни лица (20,8% од дневните тестови на КОВИД-19 примероците се позитивни)“, стои во анализата.

За подобро да го елаборираат вкупниот интензитет на КОВИД-19 вирусот во државата, авторите  ја елаборираат кумулативната стапка на КОВИД-19 позитивни лица. Таа стапка го подразбира односот помеѓу вкупните позитивни случаи и вкупниот број спроведени тестирања во текот на целиот период. И тука целокупниот период е поделен на 3 подпериоди.

Првиот период кој трае заклучно со 21 април е периодот каде што оваа стапка бележи вредност поголема од 10% (до највисока вредност од 12%). Тоа значи дека, од 10% – 12% од спроведени тестови во тој период резултирале со позитивни случаи. Вториот период започнува од 22 април до 17 јуни, каде што кумулативно стапката е под 10% (во одредени денови достигнува и најниска вредност од 7,6%) – од вкупниот број тестирани 7,6% до 10% резултираат со позитивни случаи. Третиот период ја опфаќа временската рамка од 18 јуни заклучно со 22 јуни (денот на креирањето на пресметката) каде што повторно од вклупниот број на тестирања, над 10% се позитивни на КОВИД-19“, покажала анализата.

Согласно трендот на движење на  односот помеѓу вкупните позитивни случаи и вкупниот број спроведени тестирања, авторите како што велат направиле скромен обид за предвидување на идниот однос позитивни случаи во однос на тестирани.

Предвидените вредности индицираат на фактот дека во наредниот период (до 5 јули) се очекува трето зголемување на позитивните лица на КОВИД-19. Олеснителна околност е што предвидениот пораст на позитивни случаи, во споредба со претходните ќе биде од полесен карактер. Резултатите од анализата, исто така покажаа дека доколку бројот на тестирања се зголеми за 10%, бројот на лица позитивни на КОВИД-19 ќе се зголеми во просек за 12,8% во периодот до 5 јули 2020 год. Доколку пак во пресметката го иземеме месец февруари и се задржиме на односот во месеците март, април, мај и јуни, ваквиот процент ќе биде уште повисок и ќе изнесува 13,5%“, покажале бројките.

Авторите  завршуваат со порака до граѓаните да ги почитуваат препораките на институциите односно да одржуваат дистанца и хигиена. Велат трендовите и пресметките се направени врз минатите движења и историски податоци.

„Тоа не значи дека доколку значајно го промениме своето однесување ситуацијата не може значајно да се подобри во позитивна (или негативна ) насока“, потенцираат тие.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП