24 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДанокот и корона кризата го сруши увозот на половни возила – за...

Данокот и корона кризата го сруши увозот на половни возила – за пет месеци увезени само 6.000 „половњаци“

Данокот за моторни возила кој стартуваше на почетокот на годинава и неочекуваната пандемија со вирусот Ковид – 19 предизвика крах на бизнисот со половни автомобили.

За пет месеци во земјава влегле само 6.179 половни возила, што е над двојно помалку од истиот период лани, кога од странство биле увезени 13.914 половни автомобили – покажува статистиката на Царинската Управа. Бројките покажуваат дека убедливо најлош месец бил април, кога на големо се чувствуваа и последиците од корона кризата во земјава. Тогаш влегле само 621 употребувано возило, што пак е двојно помалку од другите месеци годинава. Така во јануари биле увезени 1.224 „половњаци“, во февруари 1.950, март 1.350, април само 621, а мај кој е последниот месец за кој има податок биле увезени 1.034 половни возила од странство.

И сопствениците на авто пплацеви во земјава за „Денар“ потврдуваат дека има пад на продажбата за 70 до 80 проценти. Очекуваат дека многу нивни колеги ќе се откажат од овој бизнис. А во земјава има околу 150 регистрирани авто-плацеви.

„Продажбата е намалена за 70-80 %. Посетеност на авто плацевите нема воопшто, ако порано доаѓале по 100 клиенти, сега едвај 10-15 луѓе се интересираат за автомобилите. Ние живееме со тој проблем, но не смееме да го намалиме увозот на автомобили, бидејки сме ДДВ обврзници, ДДВ-то го пребиваме со државата со увозот на возила и мора да има константен увоз. Но со тоа само трупаме залихи, бидејќи речиси ништо не се продава. Покрај корона кризата, возилата се со повисоки цени за 700-800 евра од пред нова година, со новите давачки. Многу колеги ќе се откажат од оваа приказна, ние сме во постојана комуникација и сите се жалат. Ако порано се продавале во просек по 10 до 15 возила, сега едвај 3-4 месечно”, изјави за „Денар“, Благоја Михајловски, сопственик на авто-плац.

Бројките на Царинската Управа покажуваат дека нема подобрување ниту во увозот на нови автомобили, кој продолжи да паѓа, иако целта на Владата со еколошкиот данок беше да ја подигне свеста кај граѓаните за користење на нови возила, кои се и помали загадувачи. Па така ако лани во периодот јануари- мај биле увезени 2.642 нови  автомобили, увозот за петте месеци од годинава изнесува 1.954 нови автомобили. Исто, април е најкатастрофалниот месец, па тогаш биле увезени само 205 нови автомобили.

Данокот на моторните возила со кој возилата се даночат и по емисијата на CO2 кој го испуштаат во воздухот,  стапи на сила од јануари годинава. Тогаш сопствениците на авто-плацеви за продажба на половни  возила, излегоа на протест со автомобилите пред Владата укажувајќи дека данокот за двојно ги зголемува давачките на царина и ќе предизвика затворање на многу авто-плацеви. Владата и Царинската Управа излегоа со став дека ќе прават дополнителни анализи, но потоа земјава ја зафати корона кризата со што дополнително и ослабна куповната моќ и на државните институции и на граѓаните. Владата донесе и уредба со која им ги забрани на институциите непотребните расходи, како трошења  за набавка на автомобили, мебел, опрема.

Бројките на Царина покажуваат дека само во декември лани, пред стапување на сила на новата регулатива, авто-плацевите во земјава увезле 6.476  моторни возила од кои дури 5.256 биле половни патнички автомобили. А само лани бројот на увезени половни автомобили се искачил на 38.580, од вкупно увезени 48.969 моторни возила во земјава.

За десет години, од кога беа воведени поволностите од претходната Влада за слободен увоз на странски половни возила во земјава драстично расте бројот на увезените половни на сметка на увозот на новите возила. Или заклучно со декември лани беа увезени вкупно 314.257  половни автомобили од странство. Статистиката пак покажува дека  добар дел од овие автомобили се дизел и со ЕУРО 3 или 4 стандард, односно испуштаат повеќе издувни штетни гасови за животната средина.

Најголемиот бум на пазарот се случил токму во 2010-та година кога биле увезени дури 51.399 половни возила.

Увоз на употребувани возила :

2019 година          38.580

2018 година          30.237

2017 година          22.964

2016 година          25.889

2015 година          23.196

2014 година          29.558

2013 година          29.560

2012 година          28.546

2011 година          34.328

2010 година          51.399

Извор: Царинска Управа

Статистиката покажува дека во 2009 година заедно со товарните биле увезени вкупно 16.151 возила, од кои само 2.944 биле половни, а дури 10.574 биле нови. Од таа година па наваму, увозот на нови автомобили паднал за повеќе од половина, на сметка на половните автомобили. Односно за речиси пет пати бил поголем увозот на половни наспрема нови автомобили.

Увоз на нови возила:

2019 година          6.341

2018 година          5.876

2017 година          5.446

2016 година          5.027

2015 година          4.244

2014 година          3.052

2013 година          3.288

2012 година          4.021

2011 година          5.795

2010 година          7.183

2009 година         10. 574

Извор: Царинска Управа

 

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП