28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЛетен одмор под маски, задолжително растојание и ручек без шведска маса

Летен одмор под маски, задолжително растојание и ручек без шведска маса

По објава на Денар дека Комисијата за заразни разгледува протоколи за работењето на хотелите во Европа скроени од Европската Комисија, здравствените власти ги објавија правилата по кои може да работат сместувачките капацитети во земјава.

Поставени дезинфекциски средства насекаде во просториите, редовна дезинфекција на целиот објект,  растојание помеѓу персоналот и гостите, превентивни и заштитни мерки, како да се дејствува во случај да има гостин или член на персоналот со симптоми или позитивен на корона вирусот се само дел од препораките. Денар дојде и до официјалните препораки од Комисијата за заразни болести кои мора да се применуваат во сместувачките капацитети.

Првиот протокол го опфаќа хотелскиот простор за прием и сместување на гостите

На самиот влез  на објектот треба да има поставена дезинфекциска бариера за обувки пред влезна врата, како и  пулт за дезинфекција на раце  во холот. Во холот при влезот треба да биде истакната Welcome табла со љубезен поздрав и разбирлив текст за чекорите и препораките кои треба да се почитуваат за време на престојот во објектот како носење заштитна маска и дезинфекција на раце. Задолжително е носењето на заштитна маска за гостите и вработените. Во собите за сместување и на рецепцијата се поставува  средство за дезинфекција на рацете. Гостите треба да пристапуваат до рецепцијата поединечно или во број којшто, во зависност од големината и распоредот на просторијата, оневозможува средби, овозможуваат достапно меѓусебно растојание, а за тие што чекаат, треба да се воведат подни патокази или столчиња за ограничување на приодот. Текстилните украсни елементи на тапацираниот мебел и креветот мора да се отстранува, тука станува збор за перници, ленти, украсни прекривки. Препорачливо е плаќање со кредитна картичка како степен на заштита за да се намали ризикот од трансмисија на инфекцијата.

„На рецепцијата во хотелите, каде што пултот не е доволно широк да обезбеди потребно растојание (1,5 до 2 м), во делот каде ќе оперира рецепционерот, да биде поставена монтажна преграда (шалтер) изработен од проѕирна пластика или стакло која во долниот дел има отворен простор само за манипулирање со клуч и документи. Давателите на услуги треба да ги отстранат предметите што ги допираат повеќе гости, на пр. играчки, списанија. Гостинот заедно со клучот добива флаер со совети за заштита и протокол за неговиот престој дефиниран од внатрешен тим на хотелот. Давателот на услуги нуди единечни или двојни соби со прилагодувања, а во сместувачките капацитети со повеќе кревети може сместување само гости од едно домаќинство, коишто ќе го докажат тоа при пријавувањето,“ пишува во препораките за работа на хотелите.

Следуваат ресторанските процедури

Препораките на Комисијата за заразни болести не дозволуваат храната да биде поставена на таканаречената шведска маса. Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат храна задолжително треба да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на раце. Не е дозволено ниту послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси. Мора да се дезинфицира секоја маса и сите столици пред секој оброк и по завршување на истиот. Келнерот е должен да води максимална грижа за својата хигиена со маска на лицето да ги послужува гостите со внимавање на растојанието, но факт е дека келнерот не може да служи храна и пијалак од два метри растојание, затоа келнерот треба да одлучи колкаво е пристојното растојание што може да го одржи при послужување. После послужувањето келнерот стои на соодветно растојание и чека да биде повикан од гостите.

„Масите да се прекриени со хартиени или најлонски чаршаф за еднократна употреба или ако се користат стандардни чаршафи истите да се перат после секој послужен гостин. Каранфинглата и приборот кој треба се дезинфицирани на масите да се поставуваат по седнувањето на гостите, приборот да биде послужен во најлонска обвивка или во салфетка. Сите апарати за точење на пијалак како за вода, чај, кафе, сок и слично треба да се отстранат од употреба и пијалаците да се послужуваат по желба на гостите при послужувањето на масата. Се забранува користењето на заеднички отворени садови при сервирање на кечап, сенф, сосови, масла, сол, шеќер, чаеви и слично, кои се споделуваат на повеќе од една маса. Растојанието меѓу столчињата од соседните маси да биде од 1,5- 2 метри. Правилото вели на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица“, стои во текстот со препораките.

Предвидени се исто така засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси. Дополнително, на крајот на смената потребно е да се направи задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство.

Здравствените власти предвидоа и упатства за користење и одржување хигиена на тоалетите

Потребно е редовно одржување на тоалетите со задолжително водење на евиденција за спроведено чистење. Забрането е користење на сушачи за раце во тоалетите и задолжително треба да се користат хартиени бришачи за раце за еднократна употреба. На влезната врата на тоалетите треба да се постави задолжителна дезинфекција на рацете пред и после употреба.

„Да се обезбеди проток без застој на чекање во внатрешни тесни холови и потребната физичка дистанца со поставување ознаки, со цел да се намали ризикот од голем број на лица во санитарните јазли во исто време. Задолжително е носење маска при користење на заедничките санитарни јазли. Санитарните јазли задолжително треба да се опремени со течен сапун, топла вода, корпа за отпадоци со капак на ножна педала и хартиени бришачи за раце за еднократна употреба како и диспанзер со средства за дезинфекција за раце, на база на 70% алкохол или препорачано вируцидно средство за дезинфекција. Чистење и дезинфекција на санитарните јазли, подови и сите нивни површини, неколку пати во текот на денот најмалку на секој час“, се вели во протоколот на Комисијата за заразни болести.

Комисијата за заразни болести објави и општи препораки за гостите во сместувачките капацитети

Потребно според здравствените власти е да се има доследно следење на упатствата од персоналот во врска со обезбедување соодветно меѓусебно растојание, складирање на багаж и гардероба, начинот на давање услуги, употреба на опрема, користење на тоалети, плаќање за услуги. Исто така треба да се ограничат големи собири, со доследно следење на начелата за соодветно меѓусебно растојание.

„Внатре, покрај одржувањето на соодветно меѓусебно растојание за време на епидемија, употребата на маска за лице или други облици на заштита што ги покриваат устата и носот (шал, крпа или слични облици на заштита) е исто така задолжителна. Доследна грижа за хигиената на рацете, со миење со сапун и вода или дезинфекција по допир на какви било нечисти површини“, стои во препораките.

Препораки има и за постапување при појава на случај со симптоми  на Ковид-19

Доколку вработен заболи од акутна респираторна инфекција, треба да остане дома и да се јави на матичниот лекар. Заболениот е должен да го известува својот претпоставен за својата здравствена состојба. Доколку е позитивен на КОВИД-19, го известува претпоставениот кој го известува веднаш регионалниот центар за јавно здравје за појавата на КОВИД-19 меѓу вработените.

„Доколку вработениот бил во контакт со лице коешто покажало знаци на акутна респираторна инфекција, треба да ја следи својата здравствена состојба 14 дена и доколку развие симптоми се јавува на матичниот лекар и го известува претпоставениот. Доколку гостин заболи со треска или знаци на акутна респираторна инфекција, давателот на услуги треба да се јави во дежурната служба на најблискиот здравствен дом. Гостинот треба да чека во изолација. Треба да носи маска. Да употребува само одредени тоалети и мијалници. Епидемиолошката служба што ќе го добие извештајот за потврден случај спроведува епидемиолошка истрага, идентификува блиски контакти и предлага мерки за нив“, стои во протоколите.

Хотелите во Македонија отвораат на 22-ри јуни. Досегашната штета на хотелскиот бизнис во земјава  достигува високи милионски бројки.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП