20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПендаровски прогласи нова вонредна состојба

Пендаровски прогласи нова вонредна состојба

Претседателот, Стево Пендаровски, доцна синоќа донесе нова одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на целата држава, во времетраење од осум дена.

Од Кабинетот појаснуваат дека вонредната состојба ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите.

Исто така, од таму велат дека одлуката е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на Република Северна Македонија, по поднесениот предлог од страна на Владата, а е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни.

Политичките партии вчера постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули, среда.

„Во таа насока, одлуката за прогласување на вонредна состојба се донесува со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на коронавирусот прогласена од Светската здравствена организација. Вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на Државната изборна комисија за одржување на изборите на 15 јули“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Пендаровски.

Од таму велат дека по постигнатиот политички договор, претседателот Пендаровски очекува институциите навремено да ги преземат сите активности од нивна надлежност со цел квалитетна и комплетна подготовка и спроведување на изборниот процес.

„Во таа смисла претседателот Пендаровски очекува деновите од вонредната состојба да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје. Претседателот Пендаровски очекува предвремените парламентарни избори да бидат фер, слободни и демократски, имајќи ја предвид евроатлантската перспектива на земјата“, пишува во соопштението.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП