3 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАХотелите во Македонија ќе работат по европските правила за превентива!

Хотелите во Македонија ќе работат по европските правила за превентива!

Европската комисија поради пандемијата препорача посебни препораки за работењето на хотелите и останатите сместувачки капацитети. Препораките веќе се на сила во земјите од Европската унија.

Денар дознава дека Комисијата за заразни болести во земјава ги разгледува овие препораки по кои работи хотелскиот сектор во унијата. Комисијата треба да реши кои од правилата кои важат во хотелите и останатите сместувачки капацитети во унијата ќе се применуваат и во Македонија. Засега се е отворено, односно можно протоколите во целост да бидат пресликани, а има и опција само дел од нив да бидат задолжителни за непречено да функционира хотелиерството во земјава во време на здравствената криза. 

Во однос на управувањето со објектите, потребно е да се воспостави план за спречување на инфекција и мерки за контрола на Ковид 19, и тоа во консултација со локалните власти за јавно здравје. Треба да се обезбеди обука на персоналот за процедурите кои се однесуваат на сите релевантни аспекти за превенција и контрола на инфекции, дезинфекција и чистење, но и правилна употреба на маската за лице. Во препораките на Европската Комисија е наведено дека мора да се воспостави ограничување на бројот на гости кој е наменет за заедничката просторија се со цел да се гарантира физичкото растојание. Онаму каде што не може да се гарантира физичко растојание ќе мора да се откажуваат активностите во затворени простории.

„Следете ги внимателно препораките на јавните здравствени власти за да се обезбеди свесност за моменталната состојба и проценка на ризикот од инфекција за вработените и гостите. Осигурете се дека дозволениот број гости е во согласност со локалната препорака за јавно здравје и собири. Обезбедете достапност на информативен материјал за гостите за симптоми на КОВИД-19, упатства во случај на заболување и локални процедури, упатства за хигиена на рацете и правилна употреба на маски за лице“, пишува во препораките на ЕК кои важат за земјите од унијата.

На влезот на објектите и на рецепцијата задолжително е да има  дезинфекциско средство за раце базиран на алкохол. Треба да се обезбеди физичко растојание помеѓу рецепционерот и другиот персонал со гостите, доколку ја нема потребната дистанца идеално би било да се намести пластичен параван или стакло за раздвојување.  

„Доколку е возможно за решенија како што се интернет или самостојно најавување и одјавување на гостите, за да се минимизира контакт меѓу гостите и вработените. Во случај гостите да користат самостојно пријавување во сместувачкиот капацитет, со помош на екран на допир или тастатура, осигурете се дека таквите уреди редовно се чистат за да се минимизираат ризиците од преносот“, пишува во препораките. 

Во ресторанскиот дел на хотелите, исто така треба да се обезбеди дезинфекциско средство за раце на база на алкохол. Познатата шведска маса не се препорачува од страна на ЕК односно храната ќе треба да им се послужува на гостите наместо да се поставува за самопослужување. Доколку нема таква можност, ќе мора да се зајакнат дополнително мерките за хигиена и да се потсетуваат гостите на физичка дистанца.  

 „Ограничете го бројот на гости кои можат да се присутни во објектот, за да може да се одржува физичкото растојание.  Избегнувајте редица или одржувајте физичко растојание во редот, на пр. со употреба на маркери на подот. Обезбедете физичко растојание од 2 метри помеѓу масите. Обезбедете доволна вентилација во согласност со упатствата за вентилација на рестораните, како што се промените на воздухот на секој час и внесување на надворешен воздух на секој час“, стои во препораките на ЕК. 

Во капацитетите со повеќе ѕвездички каде што сместувачките капацитети располагаат и со фитнес и СПА центри, освен дезинфекциски средства и обезбедена дистанца треба да се обезбеди почесто чистење на површините кои често се допираат како држачите на справите и предметите за вежбање. 

 „Да се избегнува употребата на соблекувалните и гостите да се  преслекуваат во своите хотелски соби. Бидејќи физичкиот контакт не може да се избегне за време на третманите во СПА, помеѓу лицето кое вршат третман и гостинот, треба да се препорача употреба на маски за двете лица“, се наведува во препораките на Европската комисија.

Исто така во протоколите стои и дека треба да се обезбеди  физичко растојание од 2 метри помеѓу: масите, комплетите лежалки за плажа, физичко растојание за време на разни активности, но и за во базенот. Гостите кои делат иста соба можат да споделуваат заедничка маса, комплети лежалки за плажа, итн.

Во зоните за рекреација, бидејќи физичкиот контакт кај децата не може да се избегне и не може да се примени физичко растојание, треба да се размисли дали таквите капацитети треба да останат отворени.

 „Треба да се земе во предвид употребата на маски за лице од персоналот што се грижи за деца. Ограничете го бројот на деца кои во исто време ги посетуваат овие места. Обезбедете редовно чистење на површините, играчките и опремата што често се допираат со стандарден детергент“, стои во препораките.

Препораки има и за салите за конференции и состаноци. Организаторите на конференции и состаноции треба да ги следат локалните насоки за бројот на дозволени учесници. Потребно е и тука да има средства за дезинфецирање на раце и пристап до место за миење раце. Да се обезбеди физичко растојание помеѓу учесниците во согласност со упатствата за физичко растојание. Што се однесува до тоалетите во објектите, мора да има непрекината достапност на сапун и вода и употреба на хартија за бришење раце или автоматски фен за сушење. За лифтовите пак, се препорачува да не се користи  лифтот меѓу лицата кои не делат заеднички соби. Лифтовите треба да бидат приоритет за употреба за лица со „физички предизвици“ и лица кои носат багаж.

Во препораките стои дека, мерките за јавно здравје во туристичкиот сектор треба да бидат во согласност со општите мерки што ги применуваат локалните и националните власти и да се земат во предвид упатствата за работното место. Ваквите мерки што се применуваат во туристичкиот сектор треба да бидат толку строги како препораките за пошироката јавност. Што се однесува до гостите од странство, тие треба да добијат медицински совет и третман, вклучително и пристап до амбуланта и болничка помош, во случај кога тие ќе покажат симптоми поврзани со КОВИД-19. Според најавите хотелите и останатите сместувачки капацитети во земјава,  правилата за работа ќе ги добијат на почетокот на идниот месец.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП