9 декември, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМногу сектори делумно работат, финансиската поддршка да продолжи со нови економски мерки

Многу сектори делумно работат, финансиската поддршка да продолжи со нови економски мерки

Сојузот на стопански комори на Македонија апелира на широка консултација и засилување на дијалогот со релевантните институции со цел економските мерки да имаат позитивен ефект врз реалниот сектор и да бидат реално применливи. Во услови на здравствено – економска криза, претпријатијата се соочуваат со предизвик за нивен опстанок, а економијата бележи стрмоглав пад.  Особено на удар се претприемачите, малите и средни компании кои се столб на националната економија, кои вработуваат над 80 отсто од вкупниот број вработени граѓани во приватниот сектор и претставуваат 99,8 % од регистрираните правни субјекти.

Сојузот на стопански комори на Македонија, иницира продолжување на економските мерки за финансиска поддршка на Владата, итно за дополнителни два месеци. Неопходно е и продолжување на сите мерки за одложување на побарувањата по основ на даночни аконтации, кредити, како и на казнени и затезни камати до крајот на годината. Согласно анализите на Сојузот, голем број претпријатија се сериозно засегнати од кризата, а дел немаат воопшто никакви приходи за да ги покријат основните месечни трошоци. Во таа насока, следејќи ја моменталната состојба, предизвици со кои се соочуваат претпријатијата се бројни, како нарушена ликвидност, борба за задржување на работните места и борба за опстанок поради неможноста за вршење дејност“, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојуз на стопански комори на Македонија. 

Арсовска додаде дека на приватниот сектор му е неопходна институционална поддршка за да се овозможи економијата да биде во континуирано движење. Иницијативата на Сојузот,  официјално е доставена и до Владата за итно разгледување.  

Сојузот на стопански комори на Македонија од почетокот на здравствената криза, јасно ги истакнува приоритетите да се зачува здравјето на граѓаните, да не се изгубат работни места и економските мерки кои ќе се креираат да ја поддржуваат реалната економија за да не се дозволи ниту една компанија да затвори, како последица од Ковид-19. Сојузот на стопански комори на Македонија е најголемата деловна мрежа која застапува преку 35 стопански комори и организации.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП