26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКорона кризата ни носи рекордно задолжување, земјава издаде еврообврзница на 700 милиони...

Корона кризата ни носи рекордно задолжување, земјава издаде еврообврзница на 700 милиони евра

Македонија ја издаде рекордно највисоката еврообврзница до сега, на сума од 700 милиони евра. Процесот завбрши завчера, а парите ќе треба да ги враќаме за шест години со камата од 3,675% што е втора најниска камата од сите досега издадени обврзници. Еврообврзницата беше неопходност поради кризата со коронавирусот и за справување со последиците од него. Ќе се покрива буџетскта неликвидност како и неликвиднста на стопанството и граѓаните засегнати од мерките за справување со пандемијата. Од Владата се задоволни што процесот е успешно заокружен, експертите се децидни дека беше неопходно да се обезбедат пари, но полемизираат дали можеше дасе најде уште поефтин начин на задолжување и дали беше потребна толкава сума.

Универзитетскиот професор Никола Поповски вели дека можеше и подобро.

„Добивме 700 милиони евра на 6 години со 3,675% камата. Можеше и подобро, ако воопшто беше потребна толкава сума и креирање на многу висок дефицит и јавен долг по сите основи оваа година. За 6 години ќе се платат 154,4 милиони евра камата доколку купоните на обврзницата се продадени по номинална вредност и без попуст при самата емисија за што МФ треба да даде информација – дали го имало попустот и колку поени бил истиот? Ако постоел, трошокот ќе е поголем од само каматниот од 154,4 милиони евра. Можеше ли за скоро двојно помала цена да се ангажира еден дел од домашното девизно штедење кое е во домашните банки и на кое истите плаќаат дури и негативни камати во странските банки? Колкав дел од тие 700 милиони ќе беа можни? Ќе сакаа ли нашите банки аранжман? Тие секако ќе имаа повеќе доверба во својата економија, рангирана како ББ- (С&П) и ББ+ (Фич), од странските инвеститори во обврзницата“, вели Поповски.

Од Владата се задоволни што успеавме да се задолжиме по така ниска камата во светска пандемија со Ковид 19.

„Ова ја покажува довербата на инвеститорите во македонската економија и политики, ако се земе предвид дека оваа обврзница се издава во време на Ковид 19 кризата – најголема економска криза после Големата депресија, кога сите економии, вклучително и светските економски сили, излегуваат на меѓународниот пазар на капитал за да обезбедат средства за финансирање на потребите за кризата“, соопштија од министерството за финансии.

Од таму потенцираат дека интересот кај странските инвеститори за македонската еврообврзница бил поголем, дури за пет пати од износот кој бил издаден.

„Ова е уште еден податок, покрај поволната каматна стапка, што укажува на доброто позиционирање кај странските инвеститори и нивната доверба во земјава. Ова се должи на макроекономската и финансиска стабилност, како и нашата посветеност и успехот постигнат последниве години во евроатланските интеграции“, велат од министерството за финансии.

Со 700 милиони евра од еврообврзницата практично се заокружува и целокупната финансиска конструкција околу задолжувањето планирано со ребалансот за годинава потребно за финансирање на дефицитот, исплата на стари заеми и финансирање на мерките од трите економски пакети за справувањене со кризата. Така до сега се обезбедени и заем од Меѓународниот монетарен фонд во износ од 176 милиони евра и од Светска банка во износ од 140 милиони евра. Во тек се и преговори за 160 милиони евра од Европската унија кои според надлежните во финансии е извесно дека наскоро ќе бидат обезбедени и ставени на располагање.

„Со ова се затвора финансиската конструкција за потребите годинава, односно дефицитот проектиран на 6,8% од БДП со ребалансот, обврските по основ на стари долгови од 705 милиони евра. Дополнително, се обезбедуваат и сигурносни средства за справување со евенутален повторен шок и зависно од развојот на настаните, делумно финансисрање на потребите за следната годна“, соопштуваат од финансии.

Со оваа еврообврзница Македонија годинава ќе се задолжи вкупно 1,75 милијарди евра, што е за 750 милиони повеќе од првично планираното со Буџетот пред појавата на Ковид 19.

Во странство ќе се задолжиме 1.25 милијарди, а околу 500 милиони на домашниот пазар.

Годинава за враќање имаме 705 милиони евра. Догодина 936 милиони, а во 2022 треба да вратиме 353 милиони евра.

Јавниот долг сега изнесува 5,5 милијарди евра или 50,7 проценти од БДП, а до крајот на годината тој ќе се зголеми на 57% од БДП. Со ребалансот е предвидено дупката во буџетот да се зголеми за 470 милиони евра и да достигне 750 милиони евра, а јавниот долг да скокне на 58% од БДП.

Македонија до сега има издадено седум еврообврзници. Првата е издадена во 2005 година на износ од 150 милиони евра. Втората и досега најскапа е во 2009 за врема на светската криза кога каматата изнесуваше 9,875%. Беа издадени уште три еврообврзници, во 2014, 2015 и 2016. Најевтината еврообврзница беше издадена во 2018 по каматна стапка од 2,75%.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП