20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисот за изборите: Лидерите да не мислат на мандат, туку на спас...

Бизнисот за изборите: Лидерите да не мислат на мандат, туку на спас на економијата

Додека лидерите на политичките партии калкулираат со датумот за веќе се поизвесното одржување на парламентарните избори, најверојатно во јуни, бизнисот ќе ги брои штетите предизвикани од пандемијата со вирусот Ковид – 19 и стравува дека уште еден шок како изборите можат да ја допотонат економијата. Сопанствениците со став дека новите избори значат нова неизвесност и дефокус, односно насочување на вниманието кон политиката, наместо кон реалните економски проблеми. Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори е децидна дека најголем предизвик за земјава во периодот кој претстои ќе биде рецесијата што следи и економските проблеми во сите сектори на стопанството.

„Сојузот на стопански комори на Македонија, уште на самиот почеток на здравствента криза предизвикана од Ковид – 19, ги истакна трите приоритети кои треба да бидат во фокус за надминување на последиците од пандемијата и тоа зачувување на здравјето на граѓаните, задржување на работните места и креирање на економски мерки за поддршка на реалната економија за да не се дозволи ниту една компанија да затвори. Македонија во континуитет е во избори, предвремени, парламентарни, локални, претседателски. Новите избори значат нова неизвесност и дефокус, односно насочување на вниманието кон политиката, наместо кон реалните економски проблеми. Голем предизвик во периодот кој претстои ќе биде рецесијата што следи и економските проблеми во сите сектори на стопанството“, изјави за „Денар“ Арсовска.

Според Арсовска, во услови кога статистиките укажуваат на стрмоглав пад на економијата предизвикан од пандемијата, приоритет треба да е економско опоравување. Порачува, лидерите наместо на мандат, да мислат на спас на економијата.

„Изборите кај нас, секогаш се кочница за економските процеси, дури и кога економските услови не се дополнително отежнати од вонредна состојба како што е сега. Изборите претставуваат и значителен трошок од државниот буџет, кој во моментов не е во добра кондиција. Според тоа што беше јавно соопштено ако имаше избори во април, тие ќе чинеа речиси колку што е буџетот за една кредитна линија на Развојната банка, која гледаме дека со предвидените средства не може да постигне да ги задоволи потребите на стопанството, за финансирање со цел излез од потешкотиите во кои тоа се наоѓа. Време е лидерите на политичките партии наместо да мислат како побрзо да добијат мандат, еднаш да седнат на лидерска средба за спас на претприемачите кои се столбот на македонската економија. За жал тој степен на политичка зрелост уште долго не веруваме дека ќе го видиме“, вели Арсовска.

Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата на Македонија гледа голем ризик во претстојните избори.

„ Ризикот е голем и поздравјето на граѓаните од евентуално ширење на вирусот за време на изборите, но  и после изборите за економијата. Мерките можат да бидат популистичкии тешко остварливи, со опасност од нарушување или отежнување на бизнис климата после изборите, бидејќи од популистички бизнис мерки може да се задолжиме премногу и дополнително да се изгуби фокусот на социо-економската одржливост”, изјави Бошков.

Според Арсовска пак, податоците  на меѓународниот Институт за демократија и помош за избори, покажуваат дека во периодоот помеѓу 1.3.2020 и 27.4.2020 година најмалку 51 држава и територии во светот ги одложиле изборите, национални или локални, поради пандемијата со коронавирусот, додека најмалку 18 држави и територии одлучиле да ги одржат изборите според планираното.

„Пандемијата ја отвори дебатата во САД за изнаоѓање на нови модели на гласање или за воведување онлајн гласање. Полска, претседателските избори ги одржа со гласање по пошта, но сите овие нови начини на гласање може да резултираат со нетраспарентност и може да ги загрозат демократски процеси, доколку не се добро обмислени и планирани“, изјави Арсовска.

Инаку, на лидерската средба кај претседателот Стево Пендаровски, наредната недела треба и официјално да се договори датум кога земјава ќе ги одржи парламентарните избори кои беа закажани за 12 април и одложени поради пандемијата со корона вирусот.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП