7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОнлајн уплата на спортска, играње на покер апарати, блек џек, но и...

Онлајн уплата на спортска, играње на покер апарати, блек џек, но и вртење рулет ќе има и во Македонија!

Обложувалниците, казината и апарат клубовите ќе може своите услуги да ги нудат и преку интернет. Владата скрои Уредба со која ќе им овозможи на компаниите од дејноста Игри на среќа полесно да ја пребродат кризата. Онлајн обложување досега нудеше само државната Лотарија на Македонија. Сега наместо во обложувалница граѓаните ќе може од дома или од својот паметен телефон да уплатат спортска, или пак да играат блек џек или пак среќата да си ја пробаат на рулет масата. Ваквата предлог Уредба до Владата ја достави Министерството за финансии од каде велат дека на ваква иницијатива се работело во последниов период. Целта според ресорното министерство е да се помогне на оваа дејност која е една од најпогодените во земјава.

„Доколку е контролирана средината, доколку имаме јасна и прецизна регулатива ќе може да се справиме и со проблемот со физичките локации кои се почесто сѐ отвораат. Ова предлог решение ќе се најде на владина седница и ќе се дискутира за истото. Би сакала да потенцирам во духот на транспарентноста, околу 40 милиони евра се прибираат во буџетот по основ на онаа посебна давачка која што ја плаќаат овие приредувачи на игри на среќа. Која што изнесува 23 отсто, или 20 отсто за буџетот, а 3 отсто се делат во другите институции“, вели министерката за финансии Нина Ангеловска.

Организаторите на игри на среќа во земјава велат дека онлајн обложувањето ќе биде само дополнителна услуга за граѓаните која ја подготвувале заеднички со Владата. По завршувањето на пандемијата и норамализирање на состојбите од Асоцијацијата на спортски обложувалници велат дека повторно ќе ги отворат вратите на обложувалниците каде граѓаните на традиционален начин преку уплата на шалтер ќе може повторно да се обложуваат.

„Игрите на среќа продолжуваат нормално да се организираат како и досега. Истите се јасно регулирани со Закон и со дозволи за работа, а во индустријата остануваат околу 8.000 дирекно вработени. како и повеќе од 50.000 индиректни работни места кои оваа индустрија ги поддржува. Во изминатиот период Министерството за финансии ја разгледуваше можноста за дополнително организирање на онлајн обложување и игри на среќа, процес кој е започнат одамна“, велат од асоцијацијата.

Повеќе од две години против работењето на обложувалниците и казината, претежно во Тетово и околината, се организираа протести од граѓани кои сметаат дека тие се штетни и опасни за младите луѓе. Граѓаните поддршка добија и од верските заедници МПЦ и ИВЗ. Следуваа и два обида да се стави клуч на вратата на обложувалниците и казината преку предлог Закони поднесени од владеачката партија ДУИ. Во едниот предлог Закон се бараше да нема локал кој дава било каква услуга од дејноста игри на среќа на радиус од 500 метри до училиште или некоја друга образовна институција. Откако овој предлог не помина во собранието излезе идејата обложувалниците и казината да бидат надвор од населените места. Иако таа измена на Законот за игри на среќа влезе во собраниска процедура, таму и заглави.

На таквите предлози од Асоцијацијата на спортски обложувалници, од самиот старт на протестите се изјаснија дека се за строги контроли и санкции за оние организатори на игри на среќа кои нема да ги почитуваат правилата и истите ќе дозволат влез и нудење услуги на лица под 18 години. Но по барањата за дислоцирање на објектите надвор од населени места стравуваа дека целата нивна индустрија е пред колапс. Ова за обложувалниците значеше и откази на над седум илјади вработени во обложувалниците и казината низ земјава. На годишно ниво од оваа дејност  во државниот и буџетите на општините се слеваат над 250 милиони евра.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП