6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Социетас цивилис“: Управните и надзорните одобри се пополнети од партиски луѓе, без...

„Социетас цивилис“: Управните и надзорните одобри се пополнети од партиски луѓе, без особени квалификации

Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје спроведе истражувања за работата на јавните претпријатија, коишто покажуваат дека управните и надзорните одобри се пополнети од партиски луѓе, без особени квалификации да учествуваат во управувањето на претпријатијата и кои имаат несоодветно искуство и недостиг на формално образование.

„Управните одбори ја одредуваат насоката на претпријатието, додека, пак, надзорните одбори треба да ја контролираат законитоста во работењето. Оттука и потребата лицата во управните одбори да бидат искусни во делокругот на работата на претпријатието, а оние во надзорните да имаат соодветно искуство во материјалното и финансиско раководење“, покажува истражувањето.

Консултациите на ИДСЦС со неколку јавни претпријатија во текот на истражувањето покажуваат дека раководствата на претпријатијата одлучуваат формално, бидејќи или немаат знаење да ги проверуваат извештаите и состојбите во претпријатието или, пак, се водат од тоа што е дадено како налог од основачот.

За да се избегне неефикасното управување со јавни претпријатија, од Институтот сметаат дека треба да постои јасна и јавна процедура за селекција на управувачките структури, која ќе се фокусира на избор базиран на искуството и образованието на кандидатите.

„Луѓето кои ги управуваат јавните претпријатија потребно е да имаат минимум три години искуство затоа што без поминати три години работејќи една работа, одлуките не можат самостојно да се донесат. Во секоја работа, првата година треба да е посветена на учење, втората на работење со супервизија, а во третата да се испроба наученото, со толеранција дека ќе има грешки. По третата година може да се каже дека некој може да раководи самостојно со некој процес. Дури тогаш, некој може да се квалификува да учествува во управување.

Во управните и надзорните одбори потребни се луѓе кои ќе имаат искуство од областа на претпријатието, искуство од управување со тим и искуство во финансиско управување. На претпријатието му се потребни луѓе коишто знаат што треба да се прави, знаат како да се организира процесот и луѓе коишто тоа ќе го гледаат низ финансиската перспектива“, се додава во извештајот.

Промената на Законот за јавни претпријатија која треба да претстои треба да креира модел кој ќе биде ориентиран кон способности наспроти услови. Според Институтот за демократија „Социетас цивилис“-Скопје, досегашниот модел на назначување треба да се замени со интервјуа, за да се утврди способноста, а со тоа и соодветноста на најдобрите три кандидати.

Во целиот овој процес, ИДСЦС повикува да се води сметка за потребата од јавност на процесот за да се врати довербата кај граѓаните при назначување или вработување на овие лица. Тоа значи дека треба да постои соодветна видеодокументација од интервјуирањето на кандидатите, видливост на бодирањето и записници при изборот со образложенија зошто се избрани токму тие кандидати.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП