19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБездомниците во полицискиот час

Бездомниците во полицискиот час

Првата ноќ од полицискиот час помина мирно и со многу мал број на граѓани кои ги прекршија правилата за движење во периодот од 21 до 6 часот наутро. Празни улици, булевари, плоштади во централното градско подрачје во главниот град. Ваква беше сликата и по скопските маала, паркови и останати места каде граѓаните и покрај препораките на властите знаеја да си поседат на некој час онака народски речено „малку на воздух“.

И не само во Скопје празно беше насекаде низ земјава, полицискиот час генерално се почитува. Синоќа, полицијата и сите оние кои беа задолжени за контролирање на ситуацијата биле толерантни со граѓаните кои ги затекнале надвор, освен за оние кои се однесувале арогантно со надлежните. Од вечерва нема толеранција за никој!

Но, ретко кој денеска се сети на лицата кои го изгубиле својот дом. Оние кои секојдневно живеат на улица и се снаоѓаат како знаат и умеат. Тоа се граѓани кои секојдневно ги сретнуваме по улиците. Во центарот на Скопје, синоќа сретнавме човек кој неколку години е бездомник. Во прв момент одбиваше да разговара со нас, со редакцијата на „Денар“, но потоа прифати и ни дозволи да објавиме дел од разговорот, секако анонимно и фотографиран одзади.

Каде да одам, навистина не знам – беше првото што ни го кажа човекот откако му соопштивме дека нема да биде дозволено движење надвор од 21 до 6 часот сабајле.

„Веќе седум години сум на улица. Како завршив на улица не сакам да зборувам. Како вечерва, никогаш Скопје не било празно, не само вечерва туку и цел ден никој немаше надвор. По некој човек со кеси што купувал по продавниците и толку. Јас навистина не се плашам од вирусот за кого сите зборуваат. Малку ми е страв од полицијата, но тие ме познаваат од улиците и се надевам дека нема да ми направат нешто лошо. Никогаш не сум бил во затвор, не сум направил на никого лошо и се надевам дека и сега нема да ме притворат ако ме најдат полицајците надвор“, вели за Денар бездомникот кој инсистираше да остане анонимен.

При самиот крај на разговорот ни соопшти дека ноќите ги минува во импровизирано живеалиште под еден од мостовите во Скопје, без да прецизира под кој. Најтешко му било да ја помине зимата, иако за оваа вели дека и не била така студена. Но кога му соопштивме дека за утре, веќе денес се најавуваат снегови и многу студен период, му се смени изразот на лицето, мислеше дека се шегуваме и со одмавнување на раката не поздрави и ни рече останете добри, за мене не се секирајте, се гледаме деновиве.

Од Министерството за внатрешни работи ни соопштија дека вкупно 18 лица синоќа биле лишени од слобода бидејќи се противеле на опомената од полицијата да го почитуваат полицискиот час, а за девет од нив веќе се поднесени кривични пријави по членот 206 од Кривичниот законик за непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Но ниту едно од нив не било бездомно лице. За овие лица министерот за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека МВР е во координација до Центарот за социјални работи, и овие лица ќе се носат во пунктови наменети токму за бездомните лица.

Во сместувачките капацитети за бездомници „Чичино село“ има згрижено околу 60, а во центарот „ Ранка Милановиќ“ нешто повеќе од 100 бездомни лица. Дополнително во специјалната населба Визбегово има околу 100 лица. Точната бројка колку бездомници има низ земјава никој не може со сигурност да ни ја каже. Неофицијално, во Скопје има над 300 бездомници а дел од нив немаат никаква документација.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП