26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАФилипче: Петмина нови позитивни на корона вирусот, четворица здравствени работници

Филипче: Петмина нови позитивни на корона вирусот, четворица здравствени работници

Министерот за здравство Венко Филипче на вечерашната прес-конференција соопшти дека попладнево се дијагностирицирани пет нови случаи со корона вирус, од кои четворица се здравствени работници од Дебар.

– Денеска имаме дијагностицирани пет нови случаи, од кои четири се здравствени работници од Дебар. Со ова, вкупната бројка на заболени во нашата земја изнесува 31. Од петте новозаболени освен четирите здравствени работници од Дебар, позитивен е тестот на сопругата на веќе дијагностицираниот пациент којшто тест го потврдивме од болницата „Жан Митрев“ и таа ќе биде хоспитализирана на Клиниката за инфективни болести, рече Филипче.

Министерот потенцира дека четворицата здравствени работници се од приватна здравствена установа од Дебар.

– Дел се само носители позитивни, веројатно дека ќе ја развијат болеста и беа скринирани како резултат на поширокиот скриниг што започна да се прави денеска во овој регион, појасни Филипче.

Тој најави дека од утре во болницата во Дебар, ќе присуствуваат и двајца доктори од Клиниката за пулмологија за да го надополнат капацитетот и да помогнат на останатите здравствени работници, епидемиологот и тројцата инфектолози, кои се веќе таму, во однос на скринингот, во однос на третманот, во однос на домашните визите на пациентите кои се лекуваат во Дебар.

– Целосно сме свесни дека здравствените работници се најескпонирани и за време на работата и надвор од здравствените установи, но ние мора да правиме се за да ги заштитиме тие луѓе заради тоа што во овие услови, како и во сите други тоа е многу потребно мора да обезбедиме одржлив и стабилен здравствен систем за сите. Нема да има оправдување за граѓаните кои нема да се придржуваат на мерките што се донесени како одлуки на Владата. Мора да биде нивото на свест за почитување на овие луѓе исклучително високо заради тоа што од тоа зависи јавното здравје битно за сите нас, исклучително битно за здравствените работници заради тоа што тие требаат сега како што требале порано, како што ќе требаат и понатаму кога овие моменти ќе бидат далечно минато. Тие здравствени работници имаат семејства, тие се грижат за нив, макотрпно и пожртвувано работат, се жртвувале во текот на животот, се едуцирале за да помагаат на нашите сограѓани, истакна Филипче.

Уште еднаш тој упати апел порака до здравствени работници дека трудот и напорот и улогата која што се дава во овој момент е непроценлива, а до граѓаните да се придржуваат до мерките.

– Затоа мора да водиме грижа за сите нас, а за граѓаните уште еднаш ја повторувам пораката – останете дома и најстрого придржувајте се до мерките за заштита и превенција, истакна Филипче.

Во однос тестовите и тестирањето, министерот појасни дека е многу важно да помине периодот на инкубација и за тоа таа изолација и карантин трае е 14 дена, бидејќи ако се направи во меѓувреме може да биде лажно негативен. Филипче кажа дека се планира пошироко тестирање за што се прават анализи за луѓето кои треба да подлегнат на овие тестови, пред се во регионот на Струга и тоа во неколку места, во Октиси, Лабуништа…

– Таму каде што знаеме дека пред воведувањето на кризните мерки имале интензивна комуникација со Дебар и тој регион и врз основа на тоа денеска се правеше интензивна анализа од епидемиолозите од Охрид и Струга, и врз основа на тоа ќе видиме како ќе направиме анализа на луѓето и ќе поставиме малку поширока епидемиолошка индикација. Доколку постои бројка на луѓе која е блиску до периодот од 14 дена на контакт со потенцијален и ризичен или заболен тогаш тоа ќе се направи на таа група луѓе , рече Филипче.

Министерот не откри дали еден од веќе заразените е сопственик на фабрика во Скопје, туку рече дека не би сакал да шпекулира за кого станува збор туку дека може да потврди дека е постапено стручно, во смисла на тоа дека се анализирани сите првични,секундарни контакти и врз основа на тоа е донесена одлуката за карантинизирање и изолација и итн.

– Апсолутно за сите пациенти е направена целосна епидемиолошка анализа, и за кои е утврдено дека биле прва линија на контакт им е дадена мерка на самоизолација, рече Филипче.

Филипче одговарајќи на новинарско прашање дали овие мерки ќе продолжат од понеделник, рече дека ако се одвиваат работите како што се сега, тие ќе продолжат, но тоа треба да биде соопштено по стручните состаноци деновиве.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП