28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонските банки за три години заработија над 350 милиони евра - само...

Македонските банки за три години заработија над 350 милиони евра – само лани 114 милиони евра

Македонските банки во последните три години заработија над 350 милиони евра, а само за дванаесет месеци лани остварија профит од 114 милиони евра, покажуваат последните податоци на Народната банка.

Бројките покажуваат дека ланскиот профит е за 21,5 милиони евра помалку од ќарот кој го имаа во 2018 година кога прикажаа добивка од речиси 136 милиони евра, што беше рекордна добивка до сега за банкарскиот систем во земјава. Психолошката бариера пак, од профит од над 100 милиони евра банките ја надминаа во 2017 година кога остварија добивка од 106,5 милиони евра.

Податоците на Народната банка покажуваат дека за 12 месеци лани банките наплатиле вкупно 436,6 милиони евра само од камати и провизии. Сума што е за 7,8 милиони евра поголема од 2018 година. Или лани домашните банки само од камати наплатиле речиси 313 милиони евра, од кои 163,4 милиони евра се камати наплатени од домаќинствата. Од провизии и надоместоци наплатиле 123,6 милиони евра. Во 2018 година пак наплатата од камати изнесувала 318,8 милиони евра или за над 6 милиони повеќе од 2019 година, но лани пак убедливо појака била наплатата од провизии, па ако 2018 година изнесувала 110 милиони евра, лани се искачила на 123,6 милиони евра, што е за 13,6 милиони евра повеќе од надоместоци и провизии отколку во 2018 година.

Статистиката на Народната банка покажува дека речиси целиот ќар од профитот завршил кај големите банки. Тие лани прикажале добивка од 113,3 милиони евра. За прв пат пак средните банки во земјава се во негатива од речиси 1,2 милиони евра, а малите кои претходни години бележеа минус сега се во добивка од 2,2 милиони евра. Средните банки ја завршја 2018 година со добивка од 5 милиони евра, а заклучно со третиот квартал лани забележаа плус 602.000 евра, за во последниот квартал да отидат во негатива.

Од големите банки најголема добивка од 38,5 милиони евра лани прикажала Стопанска Банка Скопје. Потоа следува НЛБ Банка со добивка од 30 милиони евра и Комерцијална банка со 29,5 милиони евра.

Податоци за 2019 година

Добивка на домашните банки                                  114 милиони евра

Приходи од камати                                                      313 милиони евра

Приходи од камати од домаќинства                       163,4 милиони евра

Приходи од провизии и надоместоци                    123,6 милиони евра

Извор: Народна банка

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП