4 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустријата го „поткопува“ растот на БДП проектиран на 3,8 проценти

Индустријата го „поткопува“ растот на БДП проектиран на 3,8 проценти

Индустријата никако да закрепне – производството во јануари годинава во однос на истиот месец од 2019-та година порасна за само 0,3 проценти, соопшти статистика. Минималниот раст доаѓа по негативата во последните два месеци од минатата година, кога производството падна 5,9 и 2,1 проценти. Ова практично покажува дека индустријата е во стагнација. А Државниот завод за статистика денес треба да ги објави податоците за Бруто домашниот производ за последниот квартал на 2019 година.

Во првиот квартал од 2019 година БДП порасна 4,1 процент, во вториот 3,1 за во третиот растот да биде 3,6 проценти, или вкупно за трите квартали просекот е 3,6 проценти. Но, со негативни податоци за индустриското производство, кое има значаен удел во БДП, за два од три месеци од последниот квартал на 2019 година тешко остварлива е владината проекција за раст на економијата од 3,8 проценти. Или статистика утре треба да соопшти дека БДП пораснал за неверојатни 4,4 проценти во последниот квартал лани, за годишниот раст да биде на проекциите од 3,8 проценти.

Раст на БДП 2019 година

Прв квартал 4,1%

Втор квартал 3,1%

Трет квартал 3,6%

Инаку по сектори, индустриското производство во јануари годинава во однос на јануари лани пораснало 9,4 проценти во Рударство и вадење на камен, Преработувачка индустрија од 4,6 проценти, а производството паднало во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 15,8 проценти.

„Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, на пијалаци, на текстил, облека, на производи од гума и производи од пластични маси, на други неметални минерални производи, потоа Производство на метали, на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на моторни возила, приколки и полуприколки и на мебел, “соопшти статистика.

Според главните индустриски групи, пак пораст има кај Интермедијарни производи, освен енергија за 14.9 проценти, Нетрајни производи за широка потрошувачка за 6 проценти. Но опаѓање има кај клучни индустриски групи – Енергија за 12,7 проценти, Капитални производи за 5,5 проценти и Трајни производи за широка потрошувачка за 5,4 проценти.

Индекси на индустриско производство

Јануари 2020 година  +0,3

Декември 2019 година -5,9%

Ноември 2019 година – 2,1%

Октомври 2019 година +4,2%

Извор: Државен завод за статистика

 

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП