19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈААко не користиш парно не треба да плаќаш, граѓаните добија потврда од...

Ако не користиш парно не треба да плаќаш, граѓаните добија потврда од Стразбур

Судот за човекови права во Стразбур донесе одлука дека на граѓаните од земјава кои плаќале за услуга која не ја користат им се прекршени човековите права. По пет години протестирање, здружението на граѓани „Но пасеран“ ја доби пресудата со која сега исклучените корисници на парното греење во Скопје, правдата ќе ја бараат и пред македонските судови. Маријан Ненов од здружението „Но пасеран“ вели дека од државниот буџет на секое семејство кое го имаше овој проблем, ќе му следува до три илјади евра обештетување.  

„Пресудата на Судот во Стразбур е доста обемна и бара повеќе време за анализа, но основата е дека се прекршени основните граѓански права и правото за слободно уживање на приватната сопственост. Ги охрабруваме граѓаните да си ги заштитат своите права преку Судот во Стразбур бидејќи во овој момент судската власт нема капацитет да се справи со криминалот и корупцијата во сопствените редови. Процесот преку Стразбур е спор, но на крај граѓаните ќе добијат правна заштита и морална и парична сатисфакција. Државата мора да сфати дека масовното кршење на човекови права ќе биде на нејзина штета и ќе се плати со непланирани трошоци по буџетот“, вели за Денар Маријан Ненов од здружението на граѓани „Но пасеран“.

И покрај се, нивната „битка“ допрва почнува, секој петок во 11 часот најавија протести пред Основниот граѓански суд два и пред Апелација. Сега граѓаните се организираат, и сите фамилии кои имаат добиено негативна одлука од судовите во земјава, да бараат повторување на судскиот процес.

„Негативни Одлуки на Уставен суд нема, има само Решенија спротивни на соптвените Одлуки. Ова претставува преседан во работењето на Уставниот суд кој од 2012 година се однесувал како да е во приватно партнерство со рекетарски компании. Интересно е што Уставниот суд самоиницијативно не дејствувал да го спречи туку секогаш вешто се измакнувал со одговори дека по одредени прашања веќе се решавало без да го потенцира Решението или се прогласувал за ненадлежен. Најниска точка Уставниот суд достигнува во2012 година со цитирањето на изјавата на Директорот на РКЕ Димитар Петров во која тој тврди дека исклушчените граѓани се греат  и догреваат до саканата температура преку ѕидовите од комшиите. Ова е спротивно на физичките закони, а РКЕ не претставува релевантна научна инстутуција туку само регулаторно тело. Спротивно на Одлуките од Уставниот суд е и членот на новиот Закон за енергетска ефикасност кој предвидува за исклучување на корисник да одлучува мнозинството на станари. Интеесно е дека за приклучување на нов корисник не треба согласност од никого“, вели Нонов.

Од здружението сега вина гледаат и кај новото раководство на Регулаторната комисија за енергетика. Претседателот на оваа институција Марко Бислимовски вели дека е зачуден зошто граѓаните не гледаат партнер во регулаторна со образложение дека комисијата на неколку пати им излегла во пресрет на исклучените граѓани. Бислимовски вели дека правилниците за снабдување со топлинска енергија се правени заеднички со граѓаните. Дополнително, регулаторна им помогнала на граѓаните административните работи побрзо да ги завршат кога веќе била донесена одлуката да престане обврската да за плаќање на паушалниот износ за парно греење.

„Со правилата кои сме ги донеле во април и кои ги допрецизиравме во јули, оваа категорија на граѓани биле заштитени со тоа што нема да имаат повеќе обврска да го плаќаат фиксниот надоместок. Инаку, и во мај и во јуни лани па и сега дел од граѓаните кои не сакаа да одат во БЕГ, иако како институција немавме капацитет за тоа, добро се организиравме и во изминатиот период имаме примено преку две илјади барања со кои се ослободени од плаќање на фиксен надоместок“, вели Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Низ судовите во земјава по ова прашање се воделе околу илјада случаи, но близу двесте се во процедура и во судот во Стразбур за кои допрва се чека разрешница, тврдат од здружението. Во Скопје повеќе од 12 илјади домаќинства се откажале од парното греење, но со години плаќаа паушални сметки зависно од квадратурата на станот.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП