5 мај, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрв случај на коронавирус во земјата

Прв случај на коронавирус во земјата

Потврден првиот случај на коронавирус во земјата. Се работи за жена, родена 1970 година, од Скопје. Како што изјави министерот за здравство, Венко Филипче, на вонредна прес-конференција, таа се вратила утрово од Италија, каде што престојувала еден месец.

Тој рече дека биле извршени лабораториски тестирања на материјал од пациентката и дека резултатите покажале оти таа е позитивна на коронавирусот.

Жената патувала со комбе преку Табановце, а потоа со друго домашно возило била пренесена до скопските клиники.

Нема простор за паника. Пацентката е сместена на Инфективната клиника во Скопје, во одделот за изолација, се третира соодветно за нејзината состојба, со епидемиолошки анализи, прашањата што ѝ беа упатени укажаа дека таа веќе еден месец била во Италија на прошетка и во посета на свои роднини. Ова ни дава право да мислиме дека инкубацијата е одамна помината и дека не претставува опасност да ја пренесе болеста. Сепак, сега се прави проверка на сите патници што патувале со неа во комбето и тие ќе бидат во 14-дневна изолација“, рече Филипче. Тој додаде дека пациентката била болна веќе две недели.

Филипче упати апел до сите институции кои имаат вработени што патувале во Италија да не ги примаат вработените на работните места, туку да останат дома 14 дена во карантин. Рече дека е во интензивна комуникација со грчкиот, српскиот и со косовскиот министер и се преземаат сите мерки.

„Карантин има за сите оние што знаеме дека сигурно имале контакт со заразено лице“, рече Филипче.

Д-р Жарко Караџовски изјави дека стручна екипа од Институтот за јавно здравје веднаш заминал на Инфективната клиника за да направи епидемиолошка анкета и увид на лицето.

„Едно позитивно лице не претставува ризик за преостанатото население. Упатувам смирувачка порака дека нема простор за паника. Спремни сме за половина час да мобилизираме екипа и она што за мене е битно – е дека ние владееме со состојбата. Не можеме да го спречиме трансферот на луѓе, стока, пари и капитал, но имаме контрола врз ситуацијата“, рече тој.

Караџовски изјави дека граничната полиција постапува во согласност со протоколите, односно на сите лица што влегуваат во земјата им се поставуваат 6 епидемиолошки прашања и ако тие изјават дека имаат одредени симптоми на болеста, се тргаат на страна.

Епидемиолошката служба што дежура на скопскиот аеродром, пак, врши скенирање со термокамера и вршат епидемиолошка анкета, а лицата со симптоми на болеста ги тргаат на страна во просторијата за изолација.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП