Грчкиот синџир продавници за детски играчки „Џамбо“ регистрира мал раст на продажбите од 1,6 проценти во оваа фискална година, што заврши на 30 јуни годинава, кога првпат продажбата на групацијата надмина 500 милиони евра, објави грчкиот весник „Катимерини“.
Според весникот, во посочениот период приходот на „Џамбо“ достигнал 502,2 милиони евра, додека во претходната година продажбата изнесувала 494,3 милиони евра.
Во Грција популарниот бренд регистрира мал пад на продажбата. Во Кипар продажбата е намалена за 1,14 процент, но во Бугарија е регистрано двоцифрено зголемување.
Во текот на минатата финансиска година, од јули 2012 до јуни 2013, „Џамбо“ отвори четири нови продавници – три во Грција и една во Бугарија. Во моментов синџирот вклучува 64 продавници – 51 во Грција, три во Кипар, осум во Бугарија и две во Македонија.
Компанијата, исто така, планира да ја прошири својата дејност, навлегувајќи на романскиот пазар со две продавници – една во Букурешт и една во Темишвар.