4 јули, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИндустријата вози во рикверц - „виси“ растот на БДП од проектираните 3,8...

Индустријата вози во рикверц – „виси“ растот на БДП од проектираните 3,8 проценти

Индустриското производство минатиот месец бележи пад од 5,9 отсто во споредба со декември 2018 година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.

Ова се лоши сигнали кои ги праќа индустријата која пак е важен фактор во пресметките за растот на Бруто-домашниот производ на земјава, кој владата за 2019 година го проектираше на оптимистички 3,8 проценти.

Состојбата е уште полоша бидејќи декември е втор месец кога индустријата е во негатива, во претходниот месец – ноември, статистика измери дека индустриското производство паднало за 2,1 процент во однос на истиот месец претходната година. Ако се собере само последниот квартал од 2019 година, податоците покажуваат дека индексот на индустриското производство е во негатива од 3,8 проценти.

Статистиката измерила дека во декември лани потфрлиле сите индустриски сектори. Така Рударство и вадење камен во декември 2019 година, во однос на декември 2018 година, паднал за неверојатни 24,2 проценти, Преработувачка индустрија за 3,1 процент, а секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација за 12,1 процент.

Според главните индустриски групи, пак, индустриското производство пораснало само кај Капитални производи за 2 проценти. Додека опаѓање има кај Енергија за 17,3, Интермедијарни производи, освен енергија за 7,1, Трајни производи за широка потрошувачка за 16,3 и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 4,8 отсто.

Статистика измерила дека во периодот пак јануари-декември лани индустријата бележи скромен раст од 3,7 проценти во однос на истиот период од 2018 година. Убедливо најдобар бил првиот кваратал лани, каде индустриското производство порасна за неверојатни 12 проценти во јануари, 7,3 и 7,5 проценти во февруари и март.

Извор: Државен завод за статистика

Иако сите меѓународни институции и домашните бизнисмени алармираа дека растот на БДП за минатата година од 3,8 проценти е нереален и неостварив, и владата и Народната банка останаа на тие проекции.

БДП во првиот квартал од 2019 година порасна 4,1 процент, во вториот 3,1 за во третиот растот да биде 3,6 проценти, или вкупно за трите квартали просекот е 3,6 проценти. Но, со негативни податоци за индустриското производство за два од три месеци од последниот квартал на 2019 година тешко остварлива е проекцијата за раст на БДП за 3,8 проценти.

Извор: Државен завод за статистика

Или треба да се оствари раст од неверојатни 4,4 проценти на БДП во последниот квартал лани за годишниот раст да биде на проекциите од 3,8 проценти.

 

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП