7 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКој заработи најмногу пари во 2019 година?

Кој заработи најмногу пари во 2019 година?

Французинот Бернард Арно, сопственик на “LVMH”  годинава заработил најмногу пари – 35,5 милијарди долари.

Под покровителство на оваа компанија работат брендовите како “Louis Vuitton”, “Dior” и “Moët & Chandon”. “LVMH” минатиот месец постигнал договор да го купи и американскиот гигант “Tiffany & Co.” за повеќе од 16 милијарди долари.

Вкупното богатство на Арно сега е 104 милијарди долари, и тој е трет најбогат човек во светот.

Треба да се каже дека две жени се здобија со повеќе богатство од Арно оваа година, но не може да се каже дека тие го заработија.

Мекензи Безос стекна 35,9 милијарди долари, благодарение на разводот со основачот на “Amazon”, Џеф Безос. Нивниот развод стана познат како најскапиот развод на светот, со оглед на уделот на пари кои Џеф мораше да и ги препушти на Мекензи, која стана 26-та најбогата личност во светот.

Но, ниту таа не е личноста која заработила најмногу пари во 2019 година, туку Џулија Флешер Коч, вдовицата на Дејвид Коч, поранешен сосопственик на “Koch Industries”, втора најголема приватна компанија по приходи  во САД.

Флешер Коч (56) наследи богатство од 62 милијарди долари од нејзиниот починат сопруг, со што стана 10-та најбогата личност на светот и најбогата жена. Дејвид Коч почина во август годинава.

Основачот на “Facebook”, Марк Цукерберг, го зголемил своето богатство за 26,7 милијарди долари оваа година на 78,7 милијарди американски долари, и тој е петти најбогат човек во светот.

Бил Гејтс додал на својата сметка 22,4 милијарди долари и сега е најбогатиот човек на светот со вкупно 113 милијарди.

На второ место е Џеф Безос, кој има 111 милијарди долари, 13,6 милијарди помалку од лани. Тој е еден од ретките супербогаташи чие богатство се намалило оваа година.

Сопственикот на “Zara”, Амансио Ортега стана побогат за 15,7 милијарди долари во 2019 година, со вкупно 74,3 милијарди долари и е на шестата позиција на листата на богаташи.

Ворен Бафет годинава додаде околу 5 милијарди долари на своето богатство, кое сега изнесува 89 милијарди долари, што го прави 4-от најбогат човек во светот.

Најбогатиот човек во Азија и 11-от најбогат човек во светот е Мукеш Амбани од Индија, кој оваа година заработил дополнителни 17,6 милијарди американски долари и сега има вкупно скоро 62 милијарди.

Стив Балмер заработил импресивни 19,4 милијарди во 2019 година, остварувајќи богатство од 58 милијарди долари.

Тројцата сосопственици на “Walmart” кои се познати како најбогатото семејство во светот – Роб, Џим и Алис Волтон – заработиле нешто повеќе од 10 милијарди долари оваа година. Сега тројцата заедно имаат над 162 милијарди долари. “Walmart” е најголем малопродажен ланец во светот.

Основачот на “Alibaba”, Џек Ма, обезбедил дополнителни 11 милијарди долари оваа година.

Жаклин Марс и нејзиниот брат Џон Марс, сопственици на познатата „чоколадна империја“, исто така, ги зголемиле своите богатства за повеќе од 10 милијарди долари оваа година.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП