„Samsung“ и „Intel“ заедно ќе дадат 4 милиони долари за да ги заинтересираат програмерите за развој на апликации за идната платформа „Tizen“.
Двете компании ќе направат натпреварување за програмери со вкупен награден фонд од 4 милиони долари, а најдобрата апликација ќе земе награда од дури 200.000 долари. „Tizen“ во основа е отворена платформа, но досега главно беше насочена од страна на „Intel“ и „Samsung“.
„Samsung“ со ова сака да покаже делумна независност од „Android“, додека за „Intel“ ова е само уште еден начин дополнително да се пробие на пазарот за мобилни телефони и таблети. Меѓутоа проблемите кои ги следат со новите апликации се очигледни, а тоа може да се забележи кај „Windows Phone“, „BlackBerry 10“, „Firefox“ или „Ubunt“ мобилните платформи.
Покрај главната награда од 200.000 долари, најдобрата апликација која не е игра ќе освои 120.000 долари. Најдобрите 10 „HTML5“ апликации ќе добијат по 50.000 долари. Натпреварувањето ќе трае до 1-ви ноември, а од 4-ти до 5-ти ноември ќе биде одржано одлучувањето на победниците кои ќе бидат прогласени во декември.