Русија ја заврши серијата тестови како дел од проверката дали интернет услугата на таа земја може да функционира ако се исклучи од светската мрежа.
Тестирањето покажа дека државните агенции и оператори се подготвени ефикасно да одговорат на заканите и да обезбедат ефикасно функционирање на интернетот и комуникациите, соопшти заменик министерот за комуникации Алексеј Соколов.
Проверката, која траеше неколку дена на специјално дизајнираните мрежи, е спроведена во согласност со законот за „суверен интернет“ кој е донесен во ноември, како одговор на она што Русија го нарекува „агресивна природа“ на американската безбедносна стратегија во интернет доменот, пренесува Reuters.
Според овој закон, државните институции и безбедносните служби, како и сите оператори за комуникации, пораки и електронска пошта, мора да учествуваат во тестирањето кое не влијае на редовните корисници на интернет.
„Нашата цел беше да обезбедиме непрекината интернет услуга на руска територија под какви било околности“, објасни Соколов. Министерството за комуникации ќе му испрати на претседателот на Русија, Владимир Путин извештај за резултатите од тестирањето.