Fiat Chrysler (FCA) и Peugeot-Citroën (PSA) денеска соопштија дека нивните управни одбори потпишаа обврзувачки договор за спојување на двете автомобилски групации.
Со тоа ќе се создаде четвртиот најголем производител на автомобили во светот.
Двете компании во заедничкото соопштение наведоа дека на чело на новата групација ќе биде извршниот директор на PSA, Карлос Таварес, а претседателот на Fiat Chrysler, Џон Елкан, ќе претседава со обединетата компанија, пренесува AP.
Сè уште не е донесена одлука за името на новата компанија, соопштија директорите на телеконференцијата.
Генералниот директор на FCA, Мајк Манли ќе остане на раководната функција, но не е кажано на која.
Соединувањето на двата авто-гиганти на фифти-фифти основа, најавено во октомври, создава групација со приходи од речиси 170 милијарди евра и производство на 8,7 милиони автомобили годишно, што го става веднаш зад Toyota, Volkswagen и алијансата Renault-Nissan.
Компаниите очекуваат од ова спојување заштеда од 3,7 милијарди евра годишно, а тие средства ќе ги инвестираат во „новата ера на одржлива мобилност“ за да ги исполнат строгите нови глобални регулативи за емисии на штетни гасови. Во соопштението се вели дека според договорот ниедна фабрика нема да биде затворена.