18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОдите на пат? Еве што треба да знаете!

Одите на пат? Еве што треба да знаете!

Мала инвестиција во патничко осигурување може да ве спаси од големи главоболки доколку се случи нешто непредвидено. Доколку користите авион, а летот доцни или багажот се загуби имате право на надоместок.

За само 30 денари на ден, колку во просек чини патничкото осигурување, можете мирно да заминете во странство.

Едноставна лекарска интервенција може да чини навистина многу и да ви го загорчи одморот или службениот пат.

„Потребата од итна медицинска помош во странство дури и за најмалите интервенции може да биде многу скапа. Затоа е важно да имате осигурителна полиса кое што ќе овозможи покривање на трошоците дури и за сериозни медицински интервенции“ велат во една од осигурителните компании.

Освен основниот постојат и дополнителни пакети кои покриваат трошоци за загубен или за оштетен багаж, за откажан или одложен лет.

„Разликата во премијата е мала меѓу основниот и т. н. ‘де лукс’ пакет. Тој покрива многу повеќе“, објаснуваат во осигурителната компанија.

Оттаму велат дека полисата треба секогаш да се носи со себе и доколку се случи нешто непредвидено треба веднаш да бидат известени преку телефонски повик, СМС порака или директно на нивниот интернет сајт кој има 24 часовна корисничка поддршка.

За сите настанати трошоци кои ги покрива осигурувањето треба да се чуваат и сметките за да се олесни процедурата за поврат на средствата.

Доколку летате со авион кој доцни или доколку ви го изгубат багажот и без осигурување ви следува солиден надоместок.

Европските регулативи за правата на патниците целосно се применуваат и во Македонија. При откажување или доцнење на лет, при загубени куфери следува обесштетување од авиокомпанијата.

При доцнење на летот авиокомпанијата мора на патниците да им обезбеди пијалаци, оброци, бесплатни телефонски разговори и пристап до интернет.

Но, што и кога следува зависи од дестинацијата. За летови на далечина до 1.500 километри ова следува при подолго доцнење од два часа, за летови од 1.500 до 3.500 при подолго доцнење од три часа, а за летови над 3.500 километри доцнењето мора да биде четири часа.

Доколку авионот не полета и по пет часа, патниците имаат право да побараат да им бидат целосно вратени парите за билетот. Во случаи кога одложувањата на летовите на авиокомпаниите се преку ноќ, патниците имаат право од авиокомпанијата да добијат и хотелско сместување и трансфери до хотелот.

Ако на конечната дестинација се пристигне со доцнење од три или повеќе часа следува ист надомест како и кога летот е откажан, освен во случај ако компанијата може да докаже дека доцнењето е предизвикано од вонредни околности.

Во случај на патникот да му биде забранет влез во авионот од разни причини, тој има право на надомест од 125 до 600 евра, во зависност од доцнењето и далечината на летот.

Доколку ги нема куферите, тоа мора веднаш да се пријави во службата за загубен багаж, да се достави писмен приговор. Доколку багажот и по седум дена не е пронајден на патникот му следува максимален надоместок до 1.200 евра. Во случај на пристигнување на оштетен багаж или од багажот да недостасуваат работи, патникот е должен да се обрати во службата за изгубен багаж за да отвори записник за оштетен багаж.

Доколку патниците сметаат дека се нарушени кои било од нивните права треба најпрво да поднесат претставка до авиокомпанијата, а доколку не се задоволни од одговорот можат да се пожалат и до Агенцијата за цивилна воздушна пловидба (АЦВП) како второстепен орган.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП