21 април, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈА„Ќе платам во кеш“ – Македонците сè уште ги избегнуваат картичките

„Ќе платам во кеш“ – Македонците сè уште ги избегнуваат картичките

Комерцијалните банки имаат издадено 1.839.490 платежни картички заклучно со јуни годинава што е за 5 илјади повеќе во однос на истиот месец лани. Тоа значи дека речиси секој полнолетен граѓанин има дебитна или кредитна картичка, но Македонците и натаму претпочитаат да плаќаат во кеш.

Според најновите податоци на Народната Банка (НБРМ) најголемиот дел од картичките се од брендот Visa (над 1 милион), а потоа MasterCard (над 770 илјади). Останатите, American Express и Diners, заземаат многу мал процент.

Според функцијата 1 милион и 439 илјади се дебитни, а останатите се кредитни.

Иако бројот на картички надминува 1.8 милиони, мал дел од нив активно се користат и тоа најчесто само за повлекување пари од банкомат.

Според податоците на Народната Банка во просек секој месец Македонците плаќаат по 5 милиони пати со кредитна картичка, а 2 милиони пати повлекуваат пари од банкомат, но во многу поголеми износи.

Во јуни од банкоматите биле повлечени речиси 182 милиони евра. Истиот месец во продавница со картичка биле потрошени речиси 73 милиони евра, а трансакциите на интернет биле само 4.6 милиони евра.

Бројот на банкомати останува речиси непроменет – на крајот на јуни 2019-та бил 1.037 што е за 8 повеќе во однос на јуни 2018-та.

Од друга страна бројот на ПОС терминали (уреди кои прифаќаат картички на продажните места) има тенденција на намалување. Во јуни 2019-та имало 31.339, во јуни 2018-та 31.568, а во јуни 2017-та 33.278.

Но, која е разликата меѓу дебитна и кредитна картичка? Дебитната картичка е картичка што банката му ја издава на сопственикот на тековна или девизна сметка за да може да располага на своите средства без оглед на работното време на банката. Со дебитната картичка клиентот може да подигне готовина на банкомат, но и да плати за одреден производ или услуга. Од таа причина, дебитните картички претставуваат безготовинско средство за плаќање.

Кредитната картичка, иако има иста форма како и дебитната, функционира на поинаков начин. Во текот на пресметковниот период, најчесто на месечна основа, клиентот позајмува пари од банката и плаќа со нејзини пари, а на крајот на месецот потребно е да се покрие позајмениот износ со утврдена каматна стапка. Овој вид на картички функционираат како кредитна линија. Банката на својот клиент му одобрува лимит на износ којшто може да се потроши со користењето на кредитната картичка. Потоа, клиентот може да ја користи картичката за да плаќа или да подигнува готовина од банкомат, до дозволениот лимит.

К. Н.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП