25 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПреку фокус на клучните детали до пораст на приходот и заработката

Преку фокус на клучните детали до пораст на приходот и заработката

Во првите девет месеци од 2019 година Атлантик Група оствари приходи од продажба со вкупен износ од 541 милиони евра, што претставува пораст од 3,2% во однос на истиот период од 2018 година. Оперативната добивка (ЕБИТ) изнесува 60,4 милиони евра и се зголеми за 8,3%, додека нето-добивката по малцински интереси изнесува 47,1 милиони евра и се зголеми за 11,6% споредено со истиот период лани.

„Работата на Атлантик Група во изминатите девет месеци ја одбележа континуираниот раст на приходот и профитабилноста во повеќе деловни сегменти и пазари. Исто така, ја продолживме нашата стратегија за дезинвестирање од несуштинските индустрии со повлекување од полето на спорт и активна исхрана, истовремено зајакнувајќи го фокусот на области кои се клучни двигатели на растот и камен-темелник на трансформацијата за во иднина. Тука е вклучена и насочената интернационализација со брендови кои го докажаа меѓународниот потенцијал и развој на дистрибуцијата како важен лост за раст на бизнисот, како и спојување и преземање на некои од нив. Од неодамна е зајакната и Управата на компанијата, која сега брои шест членови. Особено сме задоволни од фактот дека пазарот на капитал го признава нашиот вкупен резултат, така што во првите девет месеци имавме историски рекордно висока вредност на акциите и рекордна дивиденда по акција“, изјави претседателот на Управата, Емил Тедески.

Најголем пораст забележаа Argeta, пијалоците и хрватскиот пазар

На севкупниот раст на приходите од продажба најмногу влијаеја стратешките деловни подрачја Деликатесни намази со раст од 9,3 проценти и Пијалоци со раст од 4,8 проценти. Со продажба од 110,3 милиони евра, што учествува со 20,4 проценти од вкупниот приход, кафето се издвојува како најголема поединечна категорија. Во дистрибутивното работење, најзначаен раст од 8,5 проценти оствари хрватскиот пазар, а потоа следи Словенија со раст од 4,7 проценти. Континуираниот фокус на развојот на дистрибутивниот бизнис се рефлектира и во потпишувањето на нови договори за дистрибуција на почетокот на годината во Македонија, кои остварија одлични резултати. Во вкупната продажба, сопствените брендови учествуваат со 64,9%, главните брендови во дистрибуцијата со 26,8%, а медицинскиот ланец Фармација учествува со 8,3% во вкупните приходи.

Развој на дистрибуцијата и роботи во новиот центар за логистика и дистрибуција

По одличните резултати остварени со проширување на дистрибуциското портфолио во регионот минатата година, новите дистрибуциски договори кои беа потпишани во Македонија (Ficosota и Beiersdorf) го потврдуваат континуираниот развој на дистрибуциското работење. Кон крајот на март Атлантик Група отвори нов, современо опремен логистичко-дистрибуциски центар кај Велика Горица, обезбедувајќи соодветна логистичка поддршка за долгорочен развој на дистрибуцијата. Во првата фаза беше обезбеден складишен капацитет од 30.000 палетни места, со можност за модуларно ширење во согласност со деловните потреби. Во истиот магацин беа имплементирани и пуштени во употреба високософистицирани логистички роботи од компанијата Gideon.

Истовремено, со целосното истапување од спортската исхрана беше продолжен процесот на дезинвестирање од не-стратешките деловни операции. Во почетокот на април, Атлантик Група склучи договор со Genuport Trade GmbH во Хамбург  за продажба на компанијата Tripoint со брендовите Multipower, Champ и Multaben.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП