Охридска банка АД Скопје за периодот јануари – септември 2019 година оствари добивка од 385,6 милиони денари, која е намалена во однос на истиот период лани кога изнесувала 531,6 милиони денари.
Нето-приходите од камати на крајот од септември 2019 година изнесуваат 831,8 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се намалени за 41 милиони денари, или за 4,7 %.
Приходите од камати бележат зголемување за 4,2 милиони денари во најголем дел поради порастот на приходите од камати на кредитите кај население кои и покрај влијанието на пониската просечна каматна стапка, бележат раст благодарение на зголемената состојба.
Нето-приходот од провизии и надоместоци, во износ од 255,7 милиони денари, е зголемен за 22,3 милиони денари, или за 9,5 %, во однос на истиот период минатата година. Приходите од провизии и надоместоци бележат посилен раст од 40,0 милиони денари со позитивен придонес на провизиите од платниот промет во земјата, провизиите од услуги кај кредитните производи, издадени гаранции, картичното работење, ново воведените производи како пакетите, електронското и мобилно банкарство.
Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 113,3 милиони денари, и се зголемени за 15,6 милиони денари или за 16,01 % во споредба со истиот период од минатата година.
Другите приходи изнесуваат 86,1 милиони денари и споредено со истиот период минатата година се намалени за 25,2 милиони денари што е резултат на намалените приходи од наплатени претходно отпишани побарувања по главница и камата. Дополнителен ефект на износот на други приходи во минатата година имаше и реализираната капитална добивка од продажба на преземен објект.
Вкупните оперативни трошоци во периодот јануари ‒ септември изнесуваат 579,5 милиони денари, а споредено со претходната година, бележат зголемување од 20,2 милиони денари, или 3,6 %. Повисоки оперативни трошоци се забележани кај трошоците за вработените, трошоците поврзани со зголемените деловни активности и тоа: трошоците поврзани со картично работење, трошоци за транспорт на готовина, трошоци за хардвер, осигурување на депозити, трошоци за поштенски услуги, додека кај сите останати ставки се бележи намалување.
Финансискиот извештај можете да го погледнете тука.