Владите на земјите членки во еврозоната можат да и помогнат на Европската централна банка (ECB) да ги зголеми каматните стапки ако “ги одврзат своите државни кеси” како би ја подржале економијата, изјави претседателот на ECB, Марио Драги.
„Поактивна фискална политика во еврозоната ќе ни овозможи побрзо да ги прилагодиме нашите мерки, за кои знаеме дека имаат негативни ефекти врз одредени сектори на општеството“, изјави Драги на еден настан во Милано, а објави агенцијата Reuters.
Коментарите на Драги, кој на крајот на овој месец се повлекува од функцијата претседател на централната банка, најверојатно се реакција на неодамнешните критики упатени на сметка на ултра-лабавата политика на ECB на богатите земји како Германија, каде владата и понатаму бележи буџетски суфицит и покрај стагнација на економијата, оценува британската агенција.
ECB се соочи со најсилната јавна критика во последните години, откако Драги минатиот месец најави рестартирање на ECB програмата за откуп на обврзници, и покрај противењето на повеќе од една третина од членовите на одборот.
Драги, исто така застана во одбрана на ECB во улогата со грчката должничка криза од 2015 година, кога таа институција ја замрзна кредитната линија за банки во таа земја – принудувајќи ја владата да наметне контрола на капиталот.
„ECB дејствуваше во рамките на својот мандат. На крајот на краиштата, тоа беше пристап кој функционираше и за Грција и за Европа, иако цената која ја плати грчкиот народ беше висока“, изјави Драги.